Светата Бројаница е моќно средство кое носи мир во срцата

Светата Бројаница е моќно средство кое носи мир во срцата

Светата Бројаница е моќно средство кое носи мир во нашите срца, во Црквата и во светот, истакна папата Фрањо во недела вечерта, 18 јуни 2017 година, во видеопораката до монс. Марио Греч, епископ на малтешката епархија Гозо, по повод откривањето на мозаиците во светилиштето на Дева Марија од Та Пину. Трите мозаици и ја прикажуваат Дева Марија со Исус, свети Иван Крстител и свети Павле. Трите дела се инсталирани над централната врата на светилиштето и се направени во центарот „Алети” во Рим.

„Во една голема прегратка од мозаици ве очекуваат Исус и неговата Мајка”. Така папа Фрањо го опишува делото во светилиштето на Дева Марија од Та Пину. Една слика – нагласува Папата – „која пред очи ја става убавината на една обична контемплативна молитва, достапна за сите, мали и големи: молитвата на Светата Бројаница”.

„Јас, исто така – истакна Папата – често молам Бројаница пред еден мозаик: еден мал мозаик на кој се насликани Двеа Марија со Младенецот, во чиј центар на прв поглед изгледа дека стои Марија, но во реалноста Таа, користејќи ги своите раце, се претвора во своевидна скала преку која Исус може да слезе меѓу нас. Во центарот е секогаш Исус, кој слегнува, за да оди со нас луѓето, за да можеме ние да се искачиме на Небесата со Него “.

Во молитвата Света Бројаница – посочува Папата во видеопораката – „ние се обраќаме кон Пресвета Богородица, за да не однесе поблиску до својот Син Исус, за да Го запознаеме и да Го сакаме повеќе. Додека размислуваме над фазите од животот на Христос, ние запираме и на нашиот живот, бидејќи одиме со Господ. Оваа обична молитва – нагласува Папата – ни помага да размислуваме за сето она што Бог, во својата љубов, го направи за нас и за нашето спасение, и ни помага да разбереме дека нашиот живот е единствен со овој на Христос.”

„Кога се молиме – истакнува папата Фрањо – ние сè му даваме на Бог: раните, тешкотиите стравови, но исто така и радостите, најсаканите луѓе … сè му даваме на Бог. Кога се молиме, ние дозволуваме Бог да влезе во нашето време, да прифати и да преобрази сè што живееме. Користете го почесто тоа моќно средство, молитвата Света Бројаница, за да донесе мир во срцата, во семејствата, во Црквата и во светот”, со тие зборови ја завршува Папата  видеопораката.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот