Редакцијата Католици.мк Ви го честита Рождеството Христово

Пророкот Исаија за Рождеството Христово пророкува со следниве зборови: Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира” (1,3). Околу 800 години покасно светиот Евангелист Иван ќе констатира: Дојде при своите и Своите не го примија! (1,1). Евангелистот Матеј забележува дека за Исусовото раѓање не се радуваат сите луѓе (сп. 2,3), иако ангелот Господов навестуваше: Еве ви соопштувам голема радост за сите луѓе (Лука 2,10). Напротив, многумина за овој настан се вознемирени, посебно цар Ирод и оние околу него (сп. Матеј 2,3). Ирод започнува потрага по Исус, не за да му се поклони, туку за да го убие. И така едни го бараат, како мудреците, да му се поклонат, други да го убијат. И таа потрага трае веќе со столетија. Но за да се пронајде Исус, треба да се следи ѕвездата. Следењето на таа ѕвезда не е едноставно, посебно не денес кога таа ѕвезда ја бараме на земјата, во политиката, спортот, економијата, луксузот, забавата, задоволствата, а не сме во состојба да ги подигнеме очите кон небото и да погледнеме кон Господ за да ја видиме вистинската Ѕвезда витлеемска. Опседнати од ерусалимската врева и мудреците ја губат ѕвездата, како што и ние ја губиме Ѕвездата опседнати од новогодишната врева. Дури кога ќе излезат од градската врева и ќе се упатат на пат тие повторно ја здогледуваат ѕвездата и се зарадуваа за тоа. (сп. Матеј 2,10).

Затоа треба да се упатиме на пат, по кој можеби денес малку луѓе сакаат да чекорат. Многумина за жал се обидуваат да чекорат по обрнат пат: од бедата на сопствената егзистениција се упатуваат во потрага по замислени, измислени или сонувани животи, кои се со кратко задоволство. Мудреците од исток ги оставаат своите удобни палати и одат во макотрпна потрага по Новородениот цар. Ние христијаните денес сме повикани исто како и мудреците да ја напуштиме нашата комотност и удобност на мноштвото наши оправдувања: немам време, имам многу работа, јас не знам … и да се упатиме на макотрпен и долг пат и да ја запознаваме и живееме сопствената вера, смислата и целта на Рождеството Христово, и што ние имаме заедничко со овој празник односно поврзаноста на нашиот живот со овој вонвременски настан. Кога ќе го откриеме ова таинство ќе бидеме и способни на оние кои се без надеж да и навестиме: „денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, кој е Христос Господ“ (Лука 2,11).

Божиќното таинство не е прашање на добра волја, туку е повик, задача и обврска на секој христијанин да одговори на внатрешниот повик Христов. Тој повик е посилен од сопствената мрзеливост, отпор и рамнодушност. Овој повик е важен, иако може и да се одбие, но во длабочината на душата знаеме дека ако не одговориме на него, ако не излеземе од себе, од сопствената сигурност и удобност, нема да можеме да го најдеме мирот кој што го ветија ангелите на луѓето со добра волја (сп. Лука 2,14).

Ние христијаните, ние кои сме крстени сме повикани да го познаеме и разбереме својот Бог, кој доаѓа за да го примиме во нашите животи и домови и да се зарадуваме славејќи го големото дело Божјо: Господ го посети својот народ, Бог е со нас – Емануил. (сп. Лука 1,16; Матеј 1,23)

За да се опише големината на празникот Рождество Христово, секој друг опис во кој ќе биде изоставено славословувањето на Бога нема да ја даде вистинската големина на празникот. Затоа и големиот црковен отец свети Григориј Богослов во својата Божиќна беседа славословува: Христос се роди – славете го! Христос од небеста – сретнете го! Христос на земјата—возвишете го! Пеј му на Господ земјо цела!

А Богородица заедно со свети Јосиф нè повикува да се придружиме на пастирите и мудреците и поклонувајќи му се на Христос, со радосен глас и ние да воскликнеме:

Христос се роди – славете го!

Католици.мк ви посакува благословено божиќно време.

го*ко/Д.И.

Категорија: Ватикан, Колумни

За авторот