За да го поттикне посланието Исус на апостолите им го подари Светиот Дух, оган кој ги уништува гревовите и создава нови мажи и жени – рече Светиот Отец во пладневниот говор во недела 31 мај 2020 година.
Денес го славиме празникот Духовден како спомен на слегувањето на Светиот Дух врз првата христијанска заедница – рече папата Фрањо пред молитвата Царице небесна, после подолго време од прозорот на Апостолската палата и истакна: Зборовите кои Воскреснатиот ги упати на апостолите: Мир вам! искажуваат простување на апостолите затоа што го напуштија. Својот мир го дава на учениците кои се плашеле и на кои им беше тешко да веруваат во она што го гледале и слушале.
Простувајќи им и собирајќи ги учениците околу себе, Исус од нив создаде Црква, помирена заедница која е подготвена за послание – рече Папата и потсети: Средбата со воскреснатиот Господ ги промени апостолите во храбри сведоци. Имено апостолите се повикани да го продолжат посланието кое Отецот го довери на Исус. Не е време да бидат затворени, ниту пак да плачат за времето кое го поминаа со Учителот. Радост за воскресението е голема, но се шири и не смее да се задржи за себе. Сите настани околу воскресението, во вид на послание, упатени се на зајакнување на нашата и на верата на учениците.
Токму, за да го поттикне посланието Исус на апостолите им го дарува Светиот Дух, оган кој ги уништува гревовите и создава нови мажи и жени, оган на љубов со кој учениците ќе можат да го запалат светот; љубов на нежност која дава предност на малите, сиромашните и исклучените. Во светите Тајни ги примаме даровите на Светиот Дух кои ни даваат сигурност во неговото милосрдие, добрина и доверба дека можеме да одиме во правецот кој ни го покажа, а никогаш да не ни недостасува неговата присутност и помош. Светиот Дух нека ни даде храброст да излеземе од своите тврдини, не прилагодувајќи се на мирниот живот и не затворајќи се во неплодни навики – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк