На празникот на Света Мајка Тереза, во нејзината родна парохија бискупот Стојанов служеше свечена света Литургија при што истакна: Да не беше Скопје немаше да беше позната ниту Калкута, а уште помалку дејноста на нејзината мисија по светот.
Во недела 5 септември 2021 година со свечена света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, нејзиниот роден град, е прославен празникот на Света Мајка Тереза. Светата Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов.
На светата Литургија претходеше свечена процесија околу катедралата во која сестрите Мисионерки на љубовта ја носеа сликата на Света Мајка Тереза, а за време на процесијата се пееја литургиски песни.
Во својата пригодна проповед бискупот Стојанов рече: Драги браќа и сестри, како и секој петти во месецот така и секоја година на 5. септември се собираме во оваа наша Катедрала „Пресвето Срце Исусово“ да го прославиме празникот на нашата светица Света Мајка Тереза. Со право, таа е родена во својот и наш град Скопје на 26 август 1910 година и не е чудо што акцентот на Пасторалната посета на Светиот Отец папа Фрањо на Скопје и Македонија пред две години беше ставен на света Мајка Тереза.
Бискупот Стојанов се присти на канонизацијата на Света Мајка Тереза, како и на татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“ кои кулминираа со литургиска прослава за дарот на канонизација, која на главниот плоштад во Скопје, во близина на родната куќа на Света Мајка Тереза, ја предводеше Папскиот делегат кардинал Винко Пуљиќ, при што бискупот Стојанов истакна: Да не беше Скопје немаше да беше позната ниту Калкута, а уште помалку дејноста на нејзината мисија по светот. И самата Света Мајка Тереза при нејзината прва посета на Скопје јасно дала до знаење: „Овде започна сѐ“.
„Светоста за Света Мајка Тереза не беше привилегија на избраните, туку должност за секој христијанин, моја и твоја. Господ Бог нѐ поттикнува во набљудувањето на животот на Мајка Тереза да бидеме што послични на неа, додека Светицата на сите нас ни порачува: „Ако го љубиме Исус, ќе ги љубиме и луѓето; ако ги љубиме луѓето на патот сме кон Бога; светот ќе го спасиме и ќе го направиме почовечки, ако го гледаме Бога во нашите ближни и се грижиме за нив“. Исто така рекла: Еве, секојдневна светост: Да се живее во љубов и мир со Бога и нашите ближни, да се прискокне на помош до секого што имаат потреба од нашите раце, нашите зборови, насмевка, нашето срце. Тоа е критериумот на дејствувањето на нејзиното проповедување, не со зборови, туку со пример исполнет со љубов со што горело нејзиното срце за Исус.“
На крајот од свеченоста, парохот дон Паво Шекерија ги потсети присутните на „Деновите на Света Мајка Тереза“ кои парохиската заедница ги живееше пред прославата на празникот, нагласувајќи ги каратативните активности и посетата на најсиромашните, како и молитвената иницијатива целоноќно обожување како дел од молитвената деветница.
к.мк