Во недела 08 октомври 2017 година во Радово беше свечено прославен празникот на Марија од Назарет, созаштитничка на парохијата.
Централен настан на празнувањето беше неделната архиерејска света Литургија која ја служеше Неговото Високо Преосвештенство д-р Киро Стојанов, во сослужение на повеќе свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија. Владиката во својата празнична проповед ги охрабри верниците и сите луѓе со добра волја да соберат храброст и ја повикат Марија на помош во своите потреби, но и потребите на другите.
На празникот му претходеше подготовка со Тродневница, која беше водена во духот на темата: „Марија од Назарет покровителка на правата и обврските“.
На таа тема беа и наговорите кои во трите дена ги искажаа отец м-р Ванчо Назов, капелан во Нова Маала и Чанаклија, отец Илија Стојанов, капелан и парохот отец д-р Зоран И. Стојанов.
Празникот и Тродневницата во чест на Небесната Мајка беа вистински молитвен празник со учество на свешетеници од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија, на Сестрите Евхаристинки на многубројни верници од Радово и други места, а особено запазено беше учеството на младите од парохијата и деца од школска и претшколска возраст кои заедно со своите родители беа активни учесници и креатори на молитвените активности.
Од 1998 година во Радово непрекинато се чествува Марија од Назарет како созаштитничка на парохијата, а Марија од Назарет Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја нарече и созаштитничка на Апостолскиот егзархат, бидејќи таа е една од најомилените молителки меѓу верниците.
На ова 20. по ред чествување на Марија од Назарет во Радово присутвуваше и градоначалникот на општина Босилово г-дин Љупчо Колев и амбасадорот на Италија во Македонија г-дин Карло Ромео со своето семејство.
Светувањето на празникот заврши со најавата на целогодишното мото за парохијата Радово, кое го објави парохот отец Зоран, а кое оваа година гласи: „Јас молам Бројаница“, при таа прилика бискупот ги благослови личните бројаници на сите верници и со заедничко Агапе подготвено од вредните домаќинки од парохијата во соработка со црковните и каритас одборници.
к.мк/Наталија Стојанова