Во попладневните часови на 11 јуни 2021 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје беше прославен патрониот празник на катедралната парохија. Светата свечена Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх во сосужение со скопскиот катедрален парох, дон Паво Шекерија, о. Марјан Ристов, канцелар, свештеници од Скопска бискупија и Струмичко-Скопската епархија, чесни сестри и голем број верници.
Бискупот Стојанов во својата проповед меѓу другото истакна: Свети Иван евангелист подоцна, размислувајќи за настанот на прободената страна од воскресната иднина, сфаќа дека не бил римскиот војник кој насилно ја отворил страната на Христос, без оглед како тоа може да изгледа, но дека, на крајот, Бог го отворил своето срце широко за човекот и човештвото. Отворајќи го своето срце кон човекот, Бог излева врз него изобилство од својата благодат, го излева најскапоценото нешто, а тоа е предрагоцената крв на својот Син, која ги мие гревовите на целиот свет и која останува духовна храна на патот кон вечноста. Во моментот на смртта на својот Син, Бог го отвори уште еднаш неговото срце, конечно да ги прости гревовите и по неговата смрт да го обдари човештвото со неизмерливиот и незамислив дар на воскресението и вечниот живот.
Така, со отворената страна на Христос, Бог ја изрази својата целосна доверба и безрезервна љубов кон нас, знаејќи како да ги разбере нашите потреби, да ги сослуша животните барања и да ни го отвори своето срце со доверба, иако човекот повеќе пати понудената љубов и неизмерното богатство од неговото отворено срце ја отфрли, проневери и изневери. Добивајќи таков дар, да му одговориме со благодарност и да ги отвориме нашите срца, за да може да се излее божествено изобилство од него, способно да нè храни на земниот пат, сè додека не пристигнеме во небесното царство – истакна бискуп Стојанов.
На крајот од свечената Литургија благодарствен збор упати катедралниот парох, дон Паво Шекерија. Пееше Катедралниот хор под диригентство на маестро Јулија и органистот Христијан.
к.мк