Во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица, 27 август 2020 година во истоимената парохиска црква во Нова Маала, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света архиерејска Литургија во сослужение со свештеници од епархијата. Присуството на Литургијата беше возможно исклучиво во согласност со мерките за заштита од коронавирусот пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. За таа цел во дворот на црквата беше овозможено да се следи светата Литургија.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов честитајќи го патрониот празник, ја искажа својата радост што после долго време, поради пандемијата со Ковид – 19, повторно е со верниците од Нова Маала. При тоа епископот Стојанов упати благодарност до верниците за сериозното почитување на мерките издадени од надлежните власти за спречување на ширењето на заразата. Тој исто така се заблагодари и за секојдневната молитва која се моли во парохијата за заштита од заразата во Македонија и светот како и за медицинските лица кои се жртвуваат за секој поединец заразен од коронавирусот и за спас на нивните животи.
Зборувајќи за празникот бискупот Стојанов рече: „Денешниот празник ги потврди уверувањата, дека нашиот живот има смисла и цел. Ни зборува, дека временскиот живот навистина се прелева во вечен и дека земскиот го надополнува небесниот, дека преодниот се преточува во непреоден и смртниот во бесмртен живот. Нашата небесна Мајка Марија меѓу сите луѓе тоа го искусила. А бидејќи е наша Мајка, ќе се погрижи тоа и ние да го искусиме.“
На крајот од проповедта епископот Стојанов ќе истакне: „И оваа наша парохиска Црква е еден вид наше светилиште во кое повеќе од едно столетие доаѓаме на поклонение. Доаѓаа нашите предци, доаѓаме ние и ќе доаѓаат нашите поколенија после нас. Наше е да прибегнеме кон нашата Небесна Мајка и да се молиме секогаш да не застапува пред нејзиниот Син и наш Спасител Исус Христос за да и ние, нејзините деца, еден ден се најдеме при нашата Небесна Мајка во небото и вечно го славиме Господа Бога. Амин.“
На крајот парохот о. Спасо Ристов се заблагодари на учеството при што на присутните им го честита празникот.
Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос на фреквенцијата во Струмица 106,50 ФМ, како и преку интернет стрaната www.radiomarija.mk
к.мк