Во четврток 7 септември 2023 година, Музејот на холокаустот во Рим ја претстави документацијата пронајдена во архивата на Папскиот библиски институт, која содржи список на лица заштитени од нацизмот, како и женски и машки монашки заедници кои им обезбедиле засолниште.
Ова е досега необјавена документација со список на лица, претежно од еврејска вероисповед, кои биле заштитени од нацистичкиот прогон во Рим благодарение на црковните монашки заедници во главниот град што им обезбедиле засолниште. Материјалот е пронајден во архивата на Папскиот Библиски институт во Рим, а беше претставен во четврток, 7 септември, за време на работилницата што се одржа во Музејот на холокаустот во Рим со наслов „Спасено. Евреи скриени во монашките заедници во Рим (1943-1944)“.
Список на монашкит заедници
Биле вклучени стотина женски и 55 машки монашки заедници – според заедничката изјава на Папскиот библиски институт, Еврејската заедница од Рим и Јад Вашем – чиј список, заедно со бројот на луѓе што ги примиле, веќе го објави историчарот Ренцо Де Феличе во 1961 година, но целата документација се сметаше за изгубена. Списоците пронајдени сега – се наведува во соопштението – се однесуваат на повеќе од 4.300 лица, од кои 3.600 се идентификувани по име; меѓу нив сугурно се 3.200 Евреи, според споредбата со документите што се чуваат во архивата на еврејската заедница во Рим. Токму за нив се знае каде биле скриени, а во некои околности и местата на живеење пред прогонот. Документацијата, до која пристапот во моментов не е бесплатен поради заштита на приватноста, значително ги зголемува информациите за историјата на спасувањето на Евреите во контекст на монашките заедници во Рим – се наведува во соопштението.
Научниците вклучени во истражувањето
Пронајдената документација ја составил италијанскиот Исусовец патер Гоцолино Бироло во периодот од јуни 1944 година до пролетта 1945 година, веднаш по ослободувањето на Рим – се наведува во соопштението. Отец Бироло бил економист на Папскиот библиски институт од 1930 година до неговата смрт од рак во јуни 1945 година. Во тоа време, ректор на институтот бил Исусовецот патер Аугустин Беа, кој во 1959 година бил вклучен во Кардиналскиот колегиум и кој стана познат по својата посветеност на еврејско-католичкиот дијалог, особено поради документот на Вториот ватикански собор Nostra aetate.
Во соопштението за печат потоа се споменуваат научниците вклучени во истражувањето на новите документи: Клаудио Прокача, директор на Одделот за култура на Еврејската заедница во Рим, Грација Лопарко од Папскиот факултет за образовни науки Аксилиум; Пол Оберхолцер од Папскиот Грегоријански универзитет и Иел Нидам-Орвието, директор на Меѓународниот институт за истражување на холокаустот Јад Вашем. Истражувањето го координираше Доминик Маркл, од Папскиот библиски институт и Универзитетот во Инсбрук, заедно со ректорот на Папскиот библиски институт, канадскиот Исусовец Мајкл Коларцик.
Окупацијата на Рим
Изданието завршува со историски податоци. Рим бил под нацистичка окупација девет месеци, почнувајќи од 10 септември 1943 година, додека сојузничките сили не го ослободиле градот на 4 јуни 1944 година. Во овој период на прогон на Евреите, речиси 2.000 луѓе, вклучувајќи стотици деца и малолетници биле депортирани и убиени, од заедница која ја сочинувале околу 10.000 – 15.000 луѓе.
Ватикан њуз/к.мк