Видео: Прес конференција на бискупот Стојанов: Татковинска прослава „Денови на Мајка Тереза“
Во Бискупската резиденција на Водно во Скопје, во среда 8 јуни 2016 година се одржа прес – конференција по повод објавувањето на Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“, настани кои ќе се одржуваат во периодот од 5 до 11 септември 2016 година, по повод канонизацијата на блажена Мајка Тереза.
Прес – конференцијата ја водеа Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов, заедно со директорката на Комисијата за односи со верските заедници во Р. Македонија д-р Валентина Божиновска.
На неа присуствуваа бројни претставници на електронските и печатените медиуми. Бискупот Стојанов информира дека пред почетокот на прес – конференцијата била одржана Конститутивна седница на почесниот одбор за одбележување на „Деновите на света Мајка Тереза“. Понатаму тој рече: „Целта на овој почесен одбор, основан во духот на блажена Мајка Тереза која се заземаше за секого што е во потреба без разлика на било која припадност, е да ја отсликува нашата реалност без разлика на верската, етничката или било која друга припадност. Деновите на блажена Мајка Тереза што ќе се одвиваат во знак на благодарност за тој дар што ни го дава Светиот Отец да биде прогласена за светица, да ги прославиме во духот на братско заедништво и соживот, така како што тоа го правеше и го посакува блажена Мајка Тереза.“ Покровител на Татковинската прослава е Престедателот на Р. Македонија проф. д-р Ѓорѓе Иванов.
Директорката на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи д-р ВалентинаБожиновска изрази задоволство за подготвеноста на институциите конструктивно да се вклучат во овој единствен настан со поддршка во реализирање на одредени сегменти на програмата ставајќи ги на располагање човечките и други ресурси.
Во периодот од 5 до 11 септември ќе има низа на тематски настани кои ќе бидат реализирани во соработка со релевантни институции од Македонија. Програмата сѐ уште е во фаза на дооформување, но се најавуваат научни собири, предавања, работилници, концерти и друго. Тематски, инспирирани од ликот на Мајка Тереза, овие настани ќе бидат поделени во неколку целини.
Настаните по повод Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“ ќе завршат во неделата на 11 септември 2016, кога на местото на родната куќа на Мајка Тереза, плоштадот „Македонија“, со почеток во 10.00 часот ќе се одржи света Литургијаи прогласување на Светилиштето на света Мајка Тереза. Светата Литургија ќе биде предводена од кардинал – Папски делегат.
к.мк/Е.А.