Бог Отец се удостои да ни ја даде, во срцето на својот Син, неисцрпната ризница на љубовта, милосрдието и нежноста. За да бидеме убедени во евидентноста на Божјата љубов доволно е да го следиме образложението на Свети Павле: „Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сѐ? (Рим 8, 32).
Милоста одвнатре го обновува човекот и го преобраќа, од грешник и бунтовник во добар и верен слуга. А изворот на секоја милост е љубовта која Бог ја негува за нас и која Тој самиот ни ја објави, не само со зборови, туку со дела. Божествената љубов направи до таа мера што второто лице од Пресветата Троица, Словото, Синот на Бог Отецот, го зема нашето тело, т.е. нашата човечка состојба, освен гревот. И Словото, Зборот Божји, е зборот од која произлегува љубовта.
Љубовта ни се открива во овоплотувањето, во избавителниот пат на Исус Христос овде на нашата земја, сѐ до најголемата жртва на Крстот. И на Крстот, се објавува со еден нов знак: „И еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода“ (Ив 19, 34). Водата и крвта Исусови ни зборуваат за едно донирање исполнето до крај: сѐ е свршено (Ив 19, 30) од љубов.
На денешниот празник, уште еднаш размислуваме за централните таинства на нашата вера, се восхитуваме на начин на кој подлабоките реалности – љубовта на Бог Отецот која го дава Синот, и љубовта на Синот која тивко се движи кон Голгота – се видливи во гестовите прифатливи за човечкиот разум. Бог не ни се открива во сила и власт; Тој доаѓа кон нас „земајќи обличје на слуга и изедначувајќи се со луѓето“ (Фил 2, 7).
Исус никогаш не се претставува далечен или горделив иако за време на неговото проповедање гледаме понекогаш како бил навредуван и натажуван од злобата на луѓето. Но, ако обрнеме внимание, гледаме дека веднаш неговото навредување и неговиот гнев се раѓаат од љубовта: „Зар Јас сакам смрт за грешникот? Вели Господ. Напротив, Јас сакам – тој да се откаже од патиштата свои и да биде жив.“ (Ез 18, 23).
Овие зборови ни го објаснуваат целиот Христов живот и ни даваат до знаење зошто ни се открил со срце од месо, со едно срце како нашето, сигурен доказ на љубовта и постојано сведоштво од неискажливата тајна на божествената љубов.
Хозе Марија Ескрива/З.А.