Преку искрена молитва излегуваме од себе и се отвораме за Бог и браќата во потреба
Ватикан, 11.5.2013 /к.мк/ – Преку искрена молитва излегуваме од себе и се отвораме за Бог и браќата во потреба – истакна Светиот Отец на светата Литургија во сабота 11 мај, во домот Света Марта, на која присуствуваше една група аргентински новинари со нивните семејства.
Папата во проповедта се концентрираше на Исусовите зборови од денешното Евангелие: „Што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви се даде.“ Тука има нешто ново, нешто што се менува: новоста е во молитвата. Отецот ќе ни даде се, но секогаш во името Исусово. Синот се вознесува кај Отецот, влегува во небесното светилиште, отвора врата и ја остава отворена, бидејќи самиот тој е вратата и како свештеник посредува за нас до свршетокот на светот – рече Папата.
Тој се моли пред Отецот за нас. Воскреснатиот Исус има прославено тело: ги снема раните од камшикувањето и трњето, ги нема модриците од ударите. Но тој секогаш сакаше рани, бидејќи тие се посредничка молитва до Отецот. Но … гледај… овој те моли во мое име, погледни! Оваа новост ни ја навестува Исус. Ни ја кажува оваа новост: да имаме доверба во неговата мака, во неговата победа над смртта, во неговите рани. Тој е свештеник, а неговите рани се жртвата: Тие ни влеваат надеж, зарем не? Ни даваат молитвена радост – рече Светиот Отец.
Во молитвата често се досадуваме – забележи Папата и додаде: молитвата не е барање на ова или она, туку е застапување на Исус, кој му ги покажува на Отецот своите рани. Молејќи го Отецот во името Исусово излегуваме од себе, досадната молитва секогаш е во нас, како мисли кои се појавуваат и ги снемува. Но вистинската молитва во името Исусово е излегување од самите себе кон Отецот, тоа е излегување од самите нас – истакна папата Фрањо.
Како можеме во небо да ги видиме раните на Исус – праша Папата. Во кое училиште може да се научи да се препознаваат Неговите рани, посредничките свештенички рани. Постои и друг излез од самите себе, а тоа е да се излезе кон раните на нашите браќа, нашите браќа и сестри во потреба. Ако не успееме да излеземе од самите себе за потребите на братот, болниот, неукиот, сиромашниот, искористуваниот, ако не успееме да го направиме тоа излегување кон нивните раните, тогаш никогаш нема да стекнеме слобода која не води кон првиот излез од самите себе, кон раните на Исус. Значи постојат два излеза од самите себе: еден кон раните на Исус, а другиот кон раните на нашите браќа и сестри. Во нашата молитва Исус сака таков пат – истакна Папата.
Тоа е новиот начин на молење со доверба, храброст, која ни овозможува да спознаеме дека Исус е пред Отецот и дека му ги покажува своите рани, но исто така и понизноста на оние кои ги бараат раните на Исус во браќата кои се во потреба, кои се уште го носат крстот и се уште не победиле, како што победи Исус – заврши Светиот Отец. (го*ко)