Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедрала

Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедрала

На 4 јуни 2017 на празникот Духови – Педесетница, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов служеше свечена Литургија, на која eдна возрасна личност прими света тајна Крштение, додека светото Миропомазание беше доделено на единаесет кандидати, пет деца примија Прва света Причест, а една личност беше примена во полно единство со Црквата.

Во концелебрација со бискупот Стојанов беа скопскиот парох дон Давор Топиќ, парохискиот викар дон Јошт Мезег и директорот на Каритас монс. Антун Циримотиќ

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: „Црквата денес слави повеќе таинства. Како што реков педесетти е ден од Воскресението и прв ден како роденден на Црквата. Драги млади многу е важно да и вие овој ден на некој начин го доживеете како свој нов роденден. Да се присетиме кога бевте крстени ја примивте првата света Тајна, папата Фрањо со задоволство таа света Тајна ја нарекува вистински роденден за небо. Зошто? Со вашиот според датум роденден, благодарејќи на љубовта на вашите родители, започна вашиот човечки живот. Вие сте нивни синови и ќерки, а кога сте донесени на крштение според сакраментот од вода и Свет Дух вие на посебен начин станавте Божји синови и ќерки. При Исусовото крштение се слушна гласот на Отецот: „Овој е Мој возљубен Син Нему сета Моја милина“. Истиот тој глас иако не се слушаат во нашите уши но се случило и при нашето крштение„.

„Исус, за да остане со нас како наш сопатник целиот свој живот Тој на последната вечера ја основа светата тајна Евхаристија – светата Причест каде вистински е присутен под видот на лебот и виното во своето воскресно тело. Драги првопричесници вие денес ќе се сретнете со Христос на тој начин Тој под видот на тој леб ќе дојде кај вас„.

„А вие драги миропомазаници имате искуство како светите Тајни исповед и причест многу пати во животот и покрај нашите слабости и погрешки ве вратиле во прегратките на Небесниот Отец. Многу пати сте почувствувале колку е убаво да се биде сакан, а пред сè, од Оној кој не може друго освен само да сака, а тоа е Бог. Со полагањето на рацете и помазанието со светото Миро тоа станува неизбришлив отпечатен дар на Светиот Дух. Можеби сега сте возбудени, дури можеби и недоволно внимателни, сепак ве уверувам дека неброено пати низ животот ќе ја почувствувате присутноста на Светиот Дух во вас…

„Драги родители и кумови денес Црквата на вас ви го доверува тоа што вашите синови и ќерки го примија во оваа света Тајна и натаму грижно и нежно да ги воспитувате своите деца како младо стебло кое пораснало но сеуште недоволно дораснало. Вашиот пример, молитва и вашето сведочење драги родители и кумови е незаобиколна должност да бидете при помош во нивниот духовен раст„.

По проповедта на бискупот следуваше Светата тајна Крштение за Т.П., а потоа парохот ги претстави кандидатите за пресветите тајни, по што следеше рецитал на првопричесниците „Мајко запали ја свеќата“ и обнова на крсните завети. По молитвата на бискупот и полагањето на рацете, следеше светото Миропомазание, а за тоа време се пееше химната на Светиот Дух.

По доделувањето на светото миропомазание, А.Б. во придружба на својата кума пристапи пред олтарот и пред бискупот и собраната заедница ја исповеда верата, со што беше примена во потполно единство на Црквата. За време на евхаристиската прослава литургиското пеење го анимираше катедралниот парохиски хор под водство на с. Татјана Атанасова.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот