Празник на свети Јоаким и Ана, 26 јули 2026 година
„Јас нема да те заборавам“ (Исаија 49,15)
Драги браќа и сестри,
Преку пророкот Исаија, Господ ветува дека никогаш нема да заборави никого од нас. Нè уверува дека нашите лица ги врежал во своите дланки (сп. Исаија 49,16) и дека Неговата љубов е поголема и од љубовта на мајката кон своето дете (сп. Исаија 49,15). Пророкот пред нас става близок и јасен дијалог, во кој Бог на секој човек и на самиот народ му се обраќа со „ти“. И денес можеме да ги читаме тие зборови како да се однесуваат на секого од нас, и секој од нас може да го слушне ова „Јас нема да те заборавам“ како да е упатено токму лично до него.
Тоа се зборови што нè исполнуваат со утеха и доверба. Тие се одговор на вознемирувачкото чувство што носи немир во срцето: „Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!” (Исаија 49,14).
Колку често во Светото Писмо, особено во псалмите, молитвата е израз на немоќ и изгубеност на човекот што чувствува дека никој не се интересира за неговиот живот и дека е занемарен. Болното чувство дека се заборавени, за жал, го споделуваат многумина, а меѓу нив и голем број стари лица.
Но Божјата љубов, која никого не заборава, се дава како чин на правда и како одговор на анонимноста во која човечкиот живот премногу често тоне. Врз животите на многумина, особено на старите лица, како да е фрлен превез што ги замаглува цртите на лицето и ги обвива во заборав. Тоа е она што се случува во домовите и становите каде што владее осаменост, како и во домовите за грижа, каде што единственоста на секоја личност е во опасност да биде сведена на број на креветот или на болест.
Одбележувањето на Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица е можност повторно да откриеме дека Црквата е повикана да биде мајка на сите и дека во секоја животна возраст секогаш можеме да се препознаеме како Божји синови и ќерки. Затоа, нека овој Ден биде вдахновение и поттик за сите, а особено за младите, да го обноват убавиот обичај да ги посетуваат своите баби и дедовци, постарите членови на семејството, како и оние што немаат никого што би ги посетил. Со оваа порака и со своето присуство пренесете им ја близината и љубовта на Папата. Погрижете се зборовите на пророкот „Јас нема да те заборавам“ да добијат облик на нежна и срдечна средба. „Во време што тежнее кон брзина и расеаност, човечкото тело копнее по нежна рака, топол збор и внимателно срце што ќе го негува и ќе го препознае. Дигиталната култура ги умножува врските и нуди нови можности за средба. Сепак, човечкото срце ја задржува неотуѓивата потреба за близина“ (Magnifica humanitas, 239).
Црквата ги знае страдањата на своите постари членови, добро знае дека премногу често на нив се гледа со предрасуди и дека се доживуваат како товар. Свесна е дека економијата, во чиј центар е профитот, ги ослабува семејните односи. Знае дека многу стари лица се напуштени од своите деца, кои биле принудени да се иселат или, во некои случаи, да се борат во војна. Која и да е причината, Црквата со радост го објавува Господовото ветување: „Јас нема да те заборавам“.
Убаво е, во секоја животна возраст, а посебно кога повеќе не сме млади, да откриеме, како што рече блажениот Иван Павле I, дека сме приматели на „Божјата неминлива љубов“. Знаеме дека секогаш сме пред Неговите очи, дури и кога ни изгледа дека нè опкружува темнина. Тој е Отец. И повеќе од тоа, Тој е мајка (Ангел Господов, 10 септември 1978 година). Иако оваа мисла не ни доаѓа секогаш сама од себе, вистина е дека ни во староста не престануваме да бидеме синови и ќерки. Затоа повикот да се вратиме во Божјата прегратка, во Неговата љубов што е и татковска и мајчинска, важи секој ден.
Многумина во текот на животот ја откриваат Божјата нежност, понекогаш токму тогаш кога животот се приближува кон својот крај. За разлика од минатото, сè почесто се случува човек да остари, а да немал вистинско искуство на верата. Во таков случај, староста, со своите прашања што во тоа животно доба стануваат поитни, може да стане соодветно време за почеток или продолжување на духовниот живот. На тој нов пат човек може да препознае дека Бог, како што вели свети Августин, е „мајка, бидејќи грее, храни, дои и штити“ (Толкување на Псалм 26, II, 18). Ова сознание ни помага да не се срамиме од слабоста кога таа ќе се појави, и воедно да сфатиме дека сите и секогаш имаме потреба едни од други и дека сите на некој начин „просиме“ внимание и грижа од другите. На Бога, Кој ни станува близок и Кого учиме да Го препознаваме во Неговата нежност, сега можеме да Му се обраќаме во молитва со детска доверба. Никогаш не е предоцна да почнеме да Му се обраќаме. Тоа може да биде голем дар за сите.
Драги стари лица, папата Фрањо говореше за вас како за „нов народ“, бидејќи никогаш во историјата бројот на старите лица не бил толку голем како денес (Катехеза, 23 февруари 2022 година). Затоа е поважно од кога било ние, заедно со вас, „новиот народ“, да размислуваме за тоа кој може да биде нашиот повик кога изгледа дека кревкоста, која го придружува човекот од неговото раѓање, има надмоќ. Сакам да ви кажам: не плашете се од кревкоста. Токму во таа слабост се крие нов потенцијал што ги осветлува и другите животни доба. Кога кревкоста ќе ја прифатиме и признаеме, таа „го отвора срцето за заемна помош и за повикување на Оној што може да го даде она што ниедна човечка моќ не може да го гарантира: длабоко помирување на срцето, а со него и вистински мир“ (Средба со верската заедница на Алжир, Базилика на Богородица Африканска, Алжир, 13 април 2026 година).
На тој начин, како христијани, можеме да ја живееме својата старост: „кревки“, но истовремено „повикани“. Секој маж и секоја жена можат повторно да се родат и во староста (сп. Иван 3,4-6) и да извикаме заедно со пророкот: „Во мир и преобраќање е вашето спасение, во смирена доверба е вашата сила“ (сп. Исаија 30,15).
Таа сила може да стане повик да не прибегнуваме кон патиштата на гордоста и моќта за да обезбедиме соживот меѓу луѓето, туку кон патиштата на помирувањето и вистинскиот мир. Во ова време, обележано со многу болно воено насилство и општествени немири, многумина се прашуваат каков ќе биде светот во кој ќе растат нивните внуци. Ве повикувам, драги мои, да ми се придружите во истрајна молитва за мирот што поскоро да завладее во целиот свет.
Драги постари браќа и сестри, ви благодарам што секојдневно ме поддржувате со своите молитви, особено кога ја молите светата Бројаница. Од срце возвраќам со желба: Господ, Кој никогаш не нè заборава, секогаш да нè обновува во верата, надежта и љубовта.
Од Ватикан, 15 јуни 2026 година
Папа Лав XIV

