Во пораката за Светскиот ден на молитва за звања папата Фрањо упатува на ликот на свршеникот на Марија и на неговите соништа. Во ова чувствително време на пандемија потребни се срца способни за голем занес како Јосиф кој одлучил да се довери на Бог и неговиот живот станал „уметничко дело.“
Денешните звања папата Фрањо ги доверува на татковската грижа на Јосиф, на неговото благо срце, на неговото битие потполно дарувано на Бог. Во пораката по повод Светскиот ден на молитва за звања која во 1964 година го основа светиот Павле VI, а кој се одбележува на 25 април, на четвртата воскресна недела, Папата го опишува животот на тој голем светец кој во Божјите очи остварува нешто изворедно.
Во Евангелијата нема негови зборови, но во нив е неговото срце кое зборува и кое Господ го гледа и избира. Бог во свети Јосиф препознал срце на татко, способно да дава и да раѓа живот во секојдневието – рече Папата. Така и звањата раѓаат и го обновуваат животот секој ден. Господ сака да обликува срца на татковци и мајки; срца отворени, способни за големи потфати, великодушни во себедарувањето, сочувствителни во утешување на вознемиреностите и постојани во зајакнување на надежта. (…)
Папата потоа посебно истакна три клучни зборови. Првиот е „сон“, збор кој е неразделно поврзан со љубовта затоа што во него се извршува таинството. Живот се има единствено ако се дава, се поседува само ако потполно се дарува. Свети Јосиф од својот живот направил дар, благодарение на соништата кои му го покажале патот.
Свети Јосиф без двоумење дозволува да го водат соништата. Зошто? – праша Папата и истакна: Затоа што неговото срце било насочено кон Бог. Неговото будно „внатрешно уво“ бил доволен мал знак за да го препознае гласот. Тој знак се претвора во повик затоа што – објасни папата Фрањо, Бог не сака да се објавува на спектакуларен начин, ограничувајќи ја нашата слобода. Нежно се обраќа во нашата внатрешност, станувајќи ни близок и зборувајќи ни преку нашите мисли и нашите чувства. (…)
Другиот аспект се однесува на „служењето“ кое го карактеризира патот на свети Јосиф и повикот, а кое се раѓа од љубовта слободна од поседувањето. Размислувајќи за животот на Јосиф, папата Фрањо ја истакна неговата способност да не паѓа со духот, без да се жали оди во пресрет на новите ситуации; станува збор за расположивост на оној кој живее за да служи. Може да се каже дека бил испружена рака на небесниот Отец кон неговиот Син на земјата. Затоа не може да не биде пример за сите звања, кои се повикани на тоа: да бидат делотворна рака на Отецот за неговите синови и неговите ќерки.
Звањето на свршеникот на Марија е сведоштво за живот допрен од Божјата љубов преку која свети Јосиф е „чувар на звањата“. Како даваме убав пример на христијански живот кога не се стремиме упорно за остварување на сопствените амбиции и кога не допуштаме да нѐ парализираат нашите носталгии, туку се грижиме за она што Господ преку Црквата ни го доверува! Тогаш Бог го излева на нас својот Дух, неговата креативност и прави прекрасни работи, како кај Јосиф.
Свети Јосиф расудува, размислува; не допушта со него да завладее брзањето – пишува Папата осврнувајќи се на Исусовиот земски татко – не попушта на искушенијата во донесувањето на нагли одлуки и не се препушта на инстинктот. Неговата вежба на верност важи и за звањата; навистина тоа е патот кон нивното созревање, присоедниувајќи се до Бог и тогаш кога се плашиме. „Не плаши се“ – му вели Господ на Јосиф.
„Не плаши се“, се зборови кои Господ ги упатува и до тебе драга сестро и до тебе драги брате – истакна Папата – кога иако меѓу неизвесноста и двоумењето почувствуваш дека не можеш повеќе да ја одложуваш желбата на Него да го даруваш својот живот. Тие се зборови кои ти ги повторува кога таму каде што се наоѓаш можеби и среде искушенијата и неразбирањата се бориш за секој ден да ја следиш неговата волја. Тие се зборови кои ги откриваш кога се враќаш на првата љубов. Зборови се кои како рефрен го следат оние кои со својот живот кажуваат на Бог „да“, како свети Јосиф, во верноста секој ден. Таа верност е тајната за радоста на оној кој го чува она што е вредно: верно на близината со Бог и ближните – напиша во пораката папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк