Папата Фрањо ги откажа закажаните аудиенции за сабота поради грип, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, во саботата наутро, 25 ноември 2023 година, објави дека аудиенциите на Папата закажани за сабота нема да се одржат.
Аудиенциите на Светиот Отец се откажани поради благ облик на грип, се вели во соопштението испратено до новинарите акредитирани при Светиот Престол.
Градот Рим, како и поголемиот дел од Италија, последните денови бележи пад на температурите, како и зголемување на сезонските болести како што е вирусот на грип.
Грипот според Светската здравствена организација (СЗО), обично е придружен со симптоми кои вклучуваат температура, кашлица, болки во грлото, болки во телото и умор.
Во раните попладневни часови, на папата Фрањо му беше извршена томографија во болницата Гемели Исола во Рим за да се исклучи ризикот од компликации на белите дробови. Тестот дал негативен резултат и Светиот Отец се вратил во Домот Света Марта – соопштуваат од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк