Денес го славиме празникот Покорв на Пресвета Богородица, заштитничка на целиот христијански род. Денес го славиме мајчинството на нашата небесна Мајка која деноноќно бдее над своите деца.
Денес го славиме појавувањето на Пресвета Богородица кога во Богородичната црква во Влахерна во Цариград на 14 (1) октомври 911 година царот Лав Мудриот присуствувал на целоноќно бдение, а таа со раширен плашт (омофор) над целиот народ симболично го заштитува од сите неволји и искушенија.
Тоа е централен настан и одговор на Пресвета Богородица за сите молби и барања кон Неа од страна на сите верници од самиот почеток на христијанството па до денес кои деноноќно ја бараат нејзината заштита и нејзината милост. Тоа е настан и одговор на нашата секојдневна молитва, која ја молеле и христијаните од самите зачетоци на Црквата:
„Под твојата заштита прибегнуваме, о Пресвета Богородце,
не отфрлај ги нашите молби за потребите наши,
туку од погибелите нѐ ослободувај, Дево Преславна и Преблагословена.“
Пресвета Богородица нѐ не заштитува само физички и надворешно, туку таа со својата љубов и мајчинска грижа нѐ следи на секој наш чекор на нашиот духовен и душевен пат, бидејќи ние како нејзини деца повеќе од топлината на телото ја посакуваме топлината во нашето срце. Затоа и ние кога се молиме за заштита, мислиме на љубов и милосрдие: Под твоето милосрдие, под твојата нежност, прибегнуваме, о Пресвета Бгородице.
Ние света Марија не ја чувствуваме како отуѓена мајка, како мајка само на Исуса. Кога би била само Исусова мајка, би постоела почитта, но не и обостраната љубов на една мајка кон своето чедо, и на чедото кон својата мајка. Од моментот кога Исус додека висеше на крстот ни ја даде Неговата мајка да биде наша мајка, постои тој нераскинлив и неразрешив афект на мајчинство кој секој еден христијанин го чувствува.
Откако добивме мајка, Исус непосредно на света Марија и го довери човечкиот род за нејзини синови, односно нѐ направи нејзини деца. Зашто за да постојат децата, прво треба да постои мајката. Не само затоа што детето произлегува од мајката, туку и затоа што детето пред да се оформи во вистински човек, му треба заштита, љубов, пример од каде ќе ги придобие сите доблести. Детето првенствено треба да ја почувствува и да ја прими љубовта која му се дава, за да после тој знае да ја возврати и сподели на другите.
Овој ден, и сите останати од нашиот живот, да го славиме мајчинството на Пресвета Богородица, да ја бараме нејзината заштита и љубов:
„Пресвета Богородице, мајко Божја и моја мајко,
Излеј ја врз мене својата милост и својата љубов,
Направи ме дете со скрушено и смирено срце,
За да знам да бидам љубен, и да знам да љубам. Амин.“
Пишува: Зоран Ангелов/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк