Поздравен говор на Н.В. П. монс. д-р Киро Стојанов до Н. Е. Винко кард. Пулиќ при Понтификалната света Евхаристија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

Поздравен говор на Н.В. П. монс. д-р Киро Стојанов до Н. Е. Винко кард. Пулиќ при Понтификалната света Евхаристија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

 Драги браќа свештеници, чесни сестри, почитувани гости, браќа и сестри во Христос

Ми причинува особена чест и радост на почетокот на оваа света Евхаристија во Ваше и свое име го поздравам Неговата Еминенција Винко кард. Пулиќ, сараевски надбискуп и наш митрополит. Уверен сум дека не треба да го претставувам, бидејќи ни е познат. Повеќе пати беше во Скопје, во родниот град на света Мајка Тереза, а минатата година на главниот плоштад Македонија овде во Скопје, во името на Светиот Отец Папа ја предводеше и Централната благодарна прослава по повод канонизацијата на света. Мајка Тереза, и верувам дека оваа посета нема да биде последна. Но, сепак, ова е извонредно значајна посета. Ни доаѓа како наш митрополит во пасторална посета. Има посета на бискупот која се нарекува визитација. Таквата посета за паросите претставува и голема одговорност, бидејќи тогаш во проверка е и нивната работа и останатото послание. Меѓутоа, пасторалната посета има за цел: средба во атмосфера на заедништво и посебно желба на посетителот е: “да не утврди во верата“.

Драги оче Надбискупе, ве поздравувам како Надпастир и токму тоа го очекувам и јас и овие драги луѓе, Вашата посета да биде во знакот на поддршка на оној пламен кој Божјиот Дух го запали во нашите срца според верата која ни е дарувана. Познато ви е во кои околности живее и дејствува оваа мала Католичка заедница во Република Македонија. Понекогаш сме мали, како тивок пламен, што нема сила за голема светлина и разни ветрови му се закануваат да го изгасат, но, сепак, тој пламен со векови гори! Тоа е Божјо дело. Светиот Отец, папа Фрањо, посебно е чувствителен за христијанските заедници кои живеат на „периферијата“. Чувствителен е за сиромашните! Благодарни сме на Бога за таа милост што во својата надпастирска служба толку блиску сте до папата Фрањо. Овој понтификат ќе биде запишан во историјата како грижа за малиот човек, за сиромашните, за човекот „на периферијата“.

Ве поздравувам како Кардинал, а тоа значи, близок соработник на Светиот Отец. Среќни сме што свети папа Иван Павле II во Вас ја препозна грижата за малите, сиромашните и периферните. Го искусивте пеколот на страданијата во прогонствата. Огнот не се изгаси. Оче Кардинале, очекуваме во оваа Евхаристија од овај оган и ние да се згрееме, и ние да бидеме расветлени. Пламенот кој Исус ни го дарува во жарот на Вашите зборови и љубовта кон нашата месна Црква и овој народ е во мигот кога нашите мисли и љубов се свртени кон сиромасите и потребните.

Дозволете ми Еминенција, да искажам добредојде и на Вашиот придружник, генералниот викар и одговорен за Папските мисиски дела во Босна и Херцеговина, монс. Лука Туњиќ, а воедно ви благодарам што допуштивте и благословивте пасторално да дејствува во Скопска бискупија Вашиот поранешен секретар и близок соработник дон Давор Топиќ, катедрален парох и декан на скопскиот деканат.

Воедно ги поздравувам браќа свештеници, чесни сестри, црковните движења, младите и сите верници овде присутни. Искажувам добредојде и ги поздравувам членовите на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, почитуваните Екселенции од дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија, Деканот на Богословскиот факултет почитуваниот профл д-р Ѓоко Ѓоргевски, како и сите луѓе со добра волја.

Господине Кардинале, благодарни сме што со Вашето доаѓање меѓу нас повторно на посебен начин можеме да ја почувствуваме Вашата близина и Татковска љубов. Вашето доаѓање за сите нас е поттик и охрабрување Евангелието да ни остане силен говор на нашето верничко сведочење. Одејќи по стапките на верата на света Мајка Тереза, нашата вера нека биде уште поприсутна и препознатлива во сиромашните. Уште еден пат извикуваме добро ни дојдовте во градот Скопје, родниот град на света Мајка Тереза, град со длабоки христијански корени и традиција, град кој уште од првите векови го прими христијанството во себе, град на чиј престол долго години се наоѓаше Вашиот и мој претходник, блажен спомен, Неговата Превозвишеност д-р Фрањо Смиљан Чекада. Ваша Еминенција, верниците на оваа парохиска заедница собрани во оваа своја Катедрала, Пресвето Срце Исусово, на молитва околу Господовата трпеза и ние духовенството молиме да не воведете во оваа евхаристиска прослава. Нека е благословена Вашата посета, Вашето доаѓање меѓу нас!

Скопје, 18.11.2017 година

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот