Поздравен говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод 25 годишниот јубилеј на Македонски Каритас

Поздравен говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод 25 годишниот јубилеј на Македонски Каритас

Свечена академија 26 ноември 2016 година – Катедрала Пресвето Срце Исусово – Скопје

Ваша Екселенција Апостолски Нунциј, монс. Анселмо Гвидо Пекорари, почитувани амбасадори, почитуван монс. Антун Циримотиќ, директор на Македонски Kаритас, почитувани претставници и директори на Каритас Интернационалис, Каритас Европа и останатите Национални Kаритаси, уважени гости, браќа и сестри.

Со голема радост и благодарност сите вас ве поздравувам. Овој настан сребрениот јубилеј на Националниот Каритас ме потсетува на Евангелските зборови на нашиот Господ кој рече: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Ив 13,35), додека св. Иван евангелист нѐ поттикнува: „не љубете се со зборови или со јазик, туку со дела и вистина“ (1 Ив 3,18). Кога гледаме сега со благодарност на изминатите 25 години дејствување на нашиот Каритас тогаш, чувствуваме иако многу скромно, но вистинито се обидовме да дадеме сведоштво на својата вера да нас како верници се препознае според делотворната братска љубов која не е декларативна природа, туку која Исусовата заповед на љубовта ја преточува во дело. Св. апостол Јаков не потсетува: „Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера“ (Јак 2,18). Да, Каритас како институција е навистина дело на верата но со ширината на таа љубов која не познава граници на раси, нации и возрасти туку е свртена делотворно кон секој човек во потреба. Овде, во делот на Каритас се дава одговор што еднаш како прашање било поставено на Исус Христос: „А кој е мој ближен?“ (Лк 10,29). Да се присетиме дека Исус одговори во параболата за Милостивиот Самарјанин. Помина свештеникот покрај ранетиот, помина левитот и наидува странец кој делотворно му помогна на оној кој имаше потреба од помош. Се наведна над човекот го подигна на своето животинче и го пренесе во гостилницата и се погрижи за неговото оздравување. Што друго е Каритас како Институција одошто: да застане покрај човекот кој е во потреба да се наведне над неговата неволја да го подигне со своите раце да му ја намали неговата болка и сиромаштија и да се погрижи за неговото оздравување.

Браќа и сестри, денес благодариме на Бога и на сите луѓе кои што се идентификуваа во своето служење со милостивиот Самарјанин и кој знае колку пати низ овие 25 години се наведнаа над потребните, ги подигнаа и им помогнаа за нивното оздравување. Да, тоа е силата на Каритас со која дејствува, токму таа е евангелската сила со која Исус Христос не оспособува да бидеме Негови препознатливи ученици кои не само навестуваат туку искажуваат и љубов. Не би било праведно да во овој миг не се присетиме на нашата голема сограѓанка св. Мајка Тереза која веќе овде во детството научила да дели леб на сиромашните, да има чувство за потребите на луѓето, и токму од оваа место таа љубов ја пренесува во далечната Индија, а од таму го импресионираше целиот свет и стана Мајка на сиромашните и најпримерна личност која го овоплоти поимот Каритас.

Што да кажам за персоналот на Каритас заедно со неуморниот наш Директор, монс. Антун Циримотиќ, одошто едно големо благодарам, што низ овие 25 години работевте според евангелската логика: „да не знае твојата лева рака што прави десната“ (Мт 6,3). Благодарам, на посебен начин, на оние кои со своите дарови овозможија дејствување на овој наш Национален Македонски Каритас. Не помала благодарност и до оние кои со својата молитва и поддршка го охрабруваа оваа големо дело на љубовта.

Да се свртиме кон Исус кој денес оди по нашите улици како сиромав и потребен за љубов што му ја искажуваат луѓето кои во градите имаат срце од месо а не од камен. Господ Бог говори: „Милост сакам а не жртва“ (Мт 9,13). Каритас е овоплотена милост и затоа да го молиме Господа да остане меѓу нас и како делител на милоста и како подребен во секој сиромав. А на вас, драги браќа и сестри, вработени во Каритас како и на вас почитувани волонтери, нека Бог ви биде единствена плата кој никогаш не останува должен. Благодарам на Бога, благодарам на вас, и нека секогаш ве прати Божјиот благослов и застапништвото на св. Мајка Тереза. Благодарам.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Колумни, Проповеди

За авторот