Секоја година над 40 милиони лица, меѓу кои се зголемува бројот на жените и децата, се жртви на тешки форми на експлоатација, посебно на присилната проституција и принудната работа.
Во пресрет на Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе, кој се одбележува на 8 февруари, Центарот„Пиме“ во Милано, „Каритас Амброзијана“ и невладината организација „Испружени раце“, во соработка со Католичкиот сојуз на италијанскиот печат во Ломбардија – организација со непрофитна цел, организираат средба на тема „Трговијата со луѓето и сериозните прекршувања на човековите права: новите робови на ХХІ век“.
Според организаторите, ова е можност да се размислува за нарушување на економскиот систем кој „ја продлабочува нееднаквоста и придонесува за создавање на услови во кои милиони луѓе ширум светот паѓаат во мрежа на криминалните групи кои тргуваат со нив и ги ставаат во ситуација на вистинско ропство.“
Ќе се дискутира за различните форми на експлоатација – од таа на работното место, што во Италија засегнува 150.000 лица, претежно млади мигранти, до присилната проституција, со која повторно се соочуваат 50-70.000 жени на полуостровот, како и на различни начини експлоатираните малолетни лица.
Кијара Катанео, проект менаџер од „Испружени раце“, вели дека „тешко е да се претстави сликата на тие жртви, кои се разликуваат според возраста, полот и географската припадност. Она што ги обединува сите е нивната ранливост, во смисла дека тие се луѓе принудени да се селат, и кога тие не можат да го сторат тоа по легални патишта, тие се принудени да прибегнат кон нелегални средства и затоа паѓаат во мрежата на трговците.“
Организациите „Пиме,“ „Каритас Амброзијана“ и невладината организација „Испружени раце“, ја пофалија посветеноста на папата Фрањо за борбата против она што тие го нарекува „сурово и безмилосно зло, злосторство против човештвото“ и поради тоа што неодамна ги повика верските водачи во Ватикан за да ги поттикне да ги здружат своите напори за спасување на жртвите.
РВ/к.мк