Иако општата здравствена состојба на папата Фрањо во однос на грипот и воспалението на респираторните патишта е подобрена, лекарите побараа од Папата да не оди на патувањето планирано во наредните дена на конференцијата COP28. Папата Фрањо со големо жалење го прифати барањето на лекарот. Во наредните денови ќе се утврди начинот на учество на Светиот Престол на Конференцијата.
По совет на својот лекар, папата Фрањо „со големо жалење“ го откажа патувањето во Дубаи, закажано за 1-3 декември, по повод конференцијата COP28. Одлуката – која ја соопшти директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни – е донесена поради здравствената состојба на Папата, бидејќи лекарските испитувања направени минатата сабота открија воспаление во пределот на белите дробови.
Барање на докторот
Во изјавата објавена во вторник вечерта, 28 ноември 2023 година, Матео Бруни објаснува: „Иако општата клиничка слика на Светиот Отец е подобрена во однос на грипот и воспалението на респираторниот тракт, лекарите побараа од Папата да не оди на планираното патување во Дубаи, по повод 28-та конференција на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени“.
Жалење на Папата
Со големо жалење папата Фрањо го прифати барањето на лекарот, затоа патувањето е и откажано – објасни портпаролот на Ватикан и додаде: Бидејќи Папата и Светиот Престол се подготвени да учествуваат во дискусиите што ќе се одржат во наредните денови, што е можно поскоро ќе се утврдат начините како е можно да се учестува.
На 1 декември, папата Фрањо требаше да отпатува во Дубаи за да учествува на состанокот за клима, каде што требаше да одржи говор утрото во сабота, 2 декември. Ден потоа, во недела, на 3 декември, програмата предвидуваше свечено отворање на Павилјонот на верата, во просторот на Експо Сити.
Ватикан њуз/к.мк