Папската академија за живот издаде соопштение во кое го поддржува противењето на француските бискупи за амандманот со кој абортусот би станал уставно право
Папската академија за живот изрази поддршка за цврстото противење на француската Црква за уставниот амандман со кој Франција би станала првата земја што би го вовела абортусот како уставно право.
Предложениот закон што го презентираше владата на претседателот Емануел Макрон беше одобрен и од Националното собрание и од Сенатот, а се дискутираше и на заедничка седница на Парламентот во понеделник, на 4 март 2024, за потребното одобрување со три петтинско мнозинство.
Во ерата на универзални човекови права, не смее да постои „право“ да се одземе човечки живот
Во соопштението објавено во понеделникот, 4 март, Папската академија за живот го повтори ставот на Француската бискупска конференција дека абортусот, кој е напад врз животот, не може да се гледа исклучиво од перспектива на правата на жените, и им се придружи на бискупите изразувајќи жалење што во предлогот не се споменуваат мерки за поддршка за оние кои би сакале да го задржат своето дете.
Папската академија за живот инсистира дека во ера на универзални човекови права не смее да постои „право“ за одземање човечки живот.
Сите влади и верски традиции, истакнуваат од Папската академија за живот, треба да направат се што можат за заштита на животот и да биде апсолутен приоритет во оваа фаза од историјата, со конкретни чекори во корист на мирот и социјалната правда и со ефективни мерки за универзален пристап до ресурсите, образованието и здравството.
Заштита на најранливите
Посебните животни ситуации и тешките и драматични контексти на нашето време треба да се решаваат со алатките на правната цивилизација, кои пред се гледаат на заштитата на најслабите и најранливите, потенцираат од Папската академија за живот.
Заштитата на животот не е идеологија
Цитирајќи го папата Фрањо, Папската академија за живот нагласи дека за Католичката црква одбраната на животот не е идеологија, туку реалност, човечка реалност која ги вклучува сите христијани.
Станува збор за акција на културно и образовно ниво со цел да се пренесе на идните генерации став на солидарност, грижа и добредојде, добро знаејќи дека културата на животот не е ексклузивно наследство на христијаните, туку им припаѓа на сите оние кои ги препознаваат вредностите на секој поединец, се вели во објавеното соопштение.
Ватикан њуз/к.мк