„Подготвен сум да започнам дијалог со него, да разговарам и да слушам. Како и со сите“, рече Папата.
Папата Фрањо потврди дека ќе се сретне со претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, кој ќе присуствува на канонизацијата на првата светица од Аргентина блажена Марија Антонија од Свети Јосиф, што ќе се одржи на 11 февруари во Рим.
Во тој контекст, Светиот Отец рече дека е „подготвен да започне дијалог“ со претседателот на својата татковина и истакна дека не е навреден од погрдните зборови кои Милеи му ги упати пред да биде избран за претседател. „Зборовите доаѓаат и си одат за време на изборната кампања“, рече Папата во интервју за италијанскиот весник „Ла Стампа“.
Во врска со посетата на Милеи на Ватикан, Папата рече: „На 11. Февруари ќе се одржи канонизацијата на „Мама Антула“, основачка на Домот за духовни вежби во Буенос Аирес. Пред канонизацијата е обичај да се поздрават властите во сакристијата“.
„Дознав дека ме замолил за средба: прифатив, па ќе се видиме. Подготвен сум да започнам дијалог со него, да разговарам и да слушам. Како и со сите“, објасни Папата.
На почетокот на месецот, Милеи му испрати на Папата писмо во кое официјално го покани да ја посети својата татковина, нагласувајќи дека посетата на Папата ќе донесе „плодови на мирот и братството за сите Аргентинци“.
Во истото писмо, аргентинскиот претседател му се заблагодари на Светиот Отец за телефонскиот повик веднаш по претседателските избори и истакна дека ги цени советите на Папата.
Ватикан њуз/к.мк