По повод националниот ден на дедовците и бабите папата Фрањо на плоштадот Свети Петар на 15 октомври 2016 година ги прими старите луѓе и нивните негуватели, истакнувајќи ја важноста на старите луѓе за општеството.
На 15 октомври 2016 година папата Фрањо прими во аудиенција стари луѓе и нивните негуватели по повод националниот ден на бабите и дедовците. Денот на бабите и дедовците во Италија се одбележува секоја година на втори октомври, но разни настани продолжуваат да се случуваат преку целиот месец. Светиот Отец најпрво ги поздрави присутните како и оние кои заради болест не можеа да дојдат.
Светиот Отец истакна дека старите луѓе се важен дел на христијанската заедница и општеството и на посебен начин ги претставуваат корените и сеќавањето на еден народ. „Вие сте важно присуство – рече Папата на старите луѓе – затоа што вашето искуство е скапоцено богатство, неопходно за гледање во иднината со надеж и со одговорност. Вашата зрелост и мудрост која со година сте ги граделе може да им помогне на младите, поддржувајќи ги на нивниот пат на раст и отвореност кон иднината. (…) Старите луѓе сведочат дека дури и во најтешките искушенија никогаш не смееме да ја загубиме довербата во Бог, ниту во подобрата иднина. Тие се како стебло кое продолжува да донесува плодови: дури и во длабоката старост можат да го дадат својот единствен богат придонес за општеството кој ја афирмира културата на животот.“
Папата Фрањо потсети на многу стари луѓе кои се ангажирани во своите парохии: се грижат за црквата, ги анимираат литургиските славења, подучувааат, сведочат со љубов. Папата ја истакна и важната улога на дедовците и бабите кои на своите внуци можат да им го пренесат животното искуство како и духовната и културната вредност на заедницата и народот. Конечно истакна дека во земјите кои претрпеле тешки верски прогони, токму дедовците и бабите биле тие кои верата ја пренесувале на новите генерации и многу деца по нивна заслуга се крстени.
Светиот Отец ја нагласи улогата на т.н. трета животна доба во градењето на културата на животот, во пренесувањето на важните и вечните вредности на младите. Иако посвети внимание на оние кои и понатаму им служат на другите – во согласност со своите можности – Папата не ги заборави оние кои живеат со болеста или со телесен инвалидитет и им треба помош. Му се заблагодари на Бог, на луѓето и институциите кои водат секојдневна грижа за старите луѓе за да можат достоинствено да го живеат тој период од животот. Институциите во кои живеат старите луѓе се повикани да бидат места на хуманост и грижлива љубов за старите луѓе како за постари браќа и сестри.
Папата Фрањо ги повика сите на борба против културата на отфрлање и да ја прегрнат културата на прифаќање и вклучување. Старите луѓе можат уште многу да придонесат за општеството и треба да им се помогне „подобро да ги искористат своите способности, да им се олесни нивното активно учествување, посебно да се обезбеди нивното достоинство секогаш да се почитува и цени,“ порача Папата и додаде: „Затоа треба да се спротивставиме на штетната култура на отфрлање која ги маргинализира старите луѓе затоа што ги смета за непродуктивни. Одговорните луѓе од подрачјето на политиката, културата, образованието и религијата како и сите луѓе со добра волја се повикани да се посветат на градење на погостољубиво општество кое вклучува.“
За Светиот Отец воедно е важно и промовирањето на односите помеѓу генерациите затоа што „иднината на еден народ бара средба на младите и старите: младите се живоста на еден народ на патот, а старите ја зајакнуваат таа живост со сеќавањето и мудроста.“ На крајот ги поттикна старите да разговараат со своите внуци, истакнувајќи дека на младите им е потребна нивната мудрост и искуството и ги поттикна да продолжат храбро да ја сведочат љубовта, посветеноста и мудроста како што тоа го правеле до сега.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк