Папата: Штитете ја верската слобода
На средбата за верската слобода во сабота 26 септември во Филаделфија, папата Фрањо ги поттикна сите граѓани на САД и припадниците на сите религии заедно да се борат против настојувањата кои сакаат да ја ограничат верската слобода.
Во светот каде што разните облици на модерна тиранија се обидуваат да ја потиснат верската слобода или да ја сведат на „субкултура“ без глас во јавноста, од голема важност е следбениците на разните религии заедно да го подигнат својот глас, повикувајќиу на мир, толеранција и почитување на достоинството и правата на другите – рече Папата во присуство на околу 50 илјади верници на местото каде што е потпишана американската Декларација за независност.
Истакна дека верската слобода вклучува слобода на богопочитување – поединечно и во заедница, но таа по својата природа ја надминува богослужбата и приватниот простор на поединецот и семејството затоа што верата е дел од култура на секој народ. Светиот Отец потсети на злосторствата на тоталитарните режими во 20 век кои ја потиснале слободата на луѓето и им ги негирале правата. Светиот Отец нагласи дека верските традиции повикуваат на преобраќање, помирување и пожртвуваност во служба на општото добро и истакна дека во центарот на нивното послание е навестување на вистината за човекот и човековите права.
Предупреди на „глобализацијата на технократската парадигма“ која сака да ги избрише сите разлики и традиции во површното барање на единството. Религијата треба да истакне дека општеството е можно да се изгради во „здрав плурализам“ и заштитата на човечкото достоинство. Потоа потсети на Квекерите кои ја основале Филаделфија сакајќи да изградат колонија која ќе биде засолниште на верската слобода и толеранција. Им се заблагодари на луѓето од сите религии кои настојуваат да му служат на „Бог на мирот“, да ги заштитуваат сиромашните и мигрантите и да го бранат достоинството на животот во сите негови фази.
Папата рече дека глобализацијата сама по себе е добра бидејќи нè обединува, но дека е можно да се искриви и во нешто лошо – кога се обидува да наметне еднообразност која би ја уништила посебноста на секој човек и народ. Обраќајќи се на латино-американските мигранти ги поттикна да не се срамат од својата традиција и да негуваат жива вера и длабоко чувство за семејството. Потоа ја истакна важноста на сеќавањето за американскиот народ да не заборави дека во Декаларацијата за независност стои дека сите луѓе нивниот Создател ги обдарил со неотуѓиви права и владите постојат за да ги штитат тие права. Да ја сочуваме слободата и да се грижиме за неа: слободата на совеста, верската слобода како и слободата на секој човек, семејство и народ. Посебно штитете ја својата верска слобода, бидејќи неа ви ја даде самиот Бог – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк/Д.И.