Папата: Христијанската надеж извира од крстот

Папата: Христијанската надеж извира од крстот

Во катехезата на Генералната аудиенција одржана на 12 април 2017 година, зборувајќи за христијанската надеж, Светиот Отец рече дека нашата надеж е Исус. Посебно се осврна на аспектите на надежта кои ги нуди светот и оние кои извираат од крстот.

Народот кој воскликнувал за Исус по повод неговото влегување во Ерусалим, во Него положува многу надеж. Многумина од нив очекувале чуда и големи знаци, покажување моќ, а на крајот и слобода од непријателските окупатори – рече Папата.

Никој од нив не насетувал дека наместо тоа Исус наскоро ќе биде понижен, обвинет и осуден на смрт. Сите нивни надежи пред крстот се срушиле. Пред крстот световните надежи се срушуваат, но се раѓаат нови; оние кои траат засекогаш. Но, ние веруваме дека токму во Распнатиот нашата надеж повторно се раѓа. Таа надеж се разликува од она световната – рече Папата, а потоа ги потсети присутните на Исусовите зборови од Евангелието според Иван, за пченичното зрно, кое ако не умре останува само; ако пак умре, донесува многу плод, и верниците ги повика за тоа малку да размислуваат: ако зрното остане затворено во себе, не се случува ништо; ако се раскрши, се отвора и дава живот на повикот и подоцна станува една билка која дава плод.

Исус во светот внесе нова надеж и тоа како семињата: се направи мал како пченично зрно; ја остави својата небесна слава за да дојде меѓу нас: падна на земјата. Тоа сè уште не е доволно. За да донесе род, Исус љубеше до крај, дозволувајќи смртта да го раскрши како што семето се распукува под земјата. Токму таму, во крајноста на своето понижување – кое е воедно и точката на највозвишената љубов, никнува надежта. А никнува токму со силата на љубовта затоа што љубовта „во сè верува, на сè се надева“ (1Кор 13, 7). Ако вас некој ве праша: „Како се раѓа надежта?“ одговорете „од крстот“ и трае во вечниот живот – рече папата Фрањо.

Љубовта која е Божјиот живот, обнови сè постигнато. Така на Велигден, земајќи го нашиот грев, Исус го претвори во простување, нашата смрт во воскресение, а нашиот страв во доверба. Еве заради што на крстот е родена и секогаш одново се раѓа, нашата надеж; ете зошто со Исус секој наш мрак може да биде претворен во светло, секој пораз во победа и секое разочарување во надеж – објасни папата Фрањо додавајќи: „Надежта сè надминува затоа што се раѓа од Исусовата љубов кон нас, а Кој се направи како пченичното зрно во земјата и кое умре за да ни даде живот, а од тој живот полн со љубов се раѓа надежта.“

Кога ќе ја избереме надежта, малку по малку откриваме дека победоносниот начин на живеење е оној како семето; начинот на понизната љубов. Но, сега можете да ми кажете дека таа е логика на загуба и изгледа дека оној кој љуби ја губи силата; кој дарува дека од нешто се лишува. Во реалноста, логиката на семето кое умира и понизната љубов е Божјиот пат и единствено тој донесува род (плод).

Тоа сами на себе може го видиме: поседувањето секогаш поттикнува да досегнеме за нешто друго: сум добил една работа и веднаш сакам некоја друга, уште поголема и така натаму и никогаш не сум задоволен. Тоа е лоша жед! Колку повеќе имаш, уште повеќе сакаш да имаш. Оној кој е алчен, никогаш не е сит. Исус тоа прецизно го кажува: „Кој ја сака душата своја ќе ја загуби; (Ив 12, 25), односно: кој го љуби своето (себе) и живее за своите интереси, е полн со себе, па губи. Кој, напротив, прифаќа; на располагање е и служи, живее на Божји начин: па победува, се спасува себе и другите; за светот станува семе на надеж – смета Светиот Отец.

Секако, вистинската љубов, оди по патот на крстот, како што тоа било и кај Исуса. Крстот е обврзувачки пат, но не е цел: целта е славата; како што тоа ни го покажува Велигден. Овде Исус на Последната вечера, остави една прекрасна слика: „Жена кога раѓа, им болки оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките; зашто се родил човек на светот“ (Ив 16, 21). Да се дава живот, а не да се поседува, донесува радост; љубовта дава светлина на животот, но и на самата болка и дава смисла. Љубовта е движечка сила која на надежта и помага да чекори напред. Секој од нас нека се запраша: „Дали љубам? Дали научив да љубам? Љубам ли секој ден сѐ повеќе?“ – бидејќи љубовта е движечка сила која на надежта и помага да чекори напред – рече папата Фрањо.

Да дозволиме овие денови – денови на љубовта – да нè обземе таинството на Исус кое како пченичното зрно дава живот. Тој е семе на нашата надеж. Да го гледаме Распнатиот, изворот на надеж – поттикна Папата – постепено ќе разбираме дека надевањето со Исус значи – веќе сега – во семето да се види билката, во крстот – воскресението, во смртта – животот. Добро ќе направиме ако застанеме пред Распнатиот, да се загледаме во Него и да Му кажеме: „Со Тебе ништо не е загубено. Со Тебе секогаш може да се надеваме. Ти си мојата надеж“ – рече на крајот од својата поука Светиот Отец барајќи од присутните да се замислат за Распнатиот и да му повторат три пати: „Ти си мојата надеж.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот