Папата Фрањо: Четири модела на верници

Светиот Отец на светата Литургија на 14 јануари во домот Света Марта, се инспирира од ликовите од литургиските читања, осврнувајчи се на новоста која ја донесе Исус, а тоа е Божјата љубов за секој човек поединечно; за секој од нас. Го разоткри лицемерниот или легалистичкиот облик на однесување, кој го одвлечува и одделува народот од верата.

Папата во проповедта говореше за четири видови верници: Исус, книжници, свештеникот Илиј и неговите синови – двајцата свештеници. Евангелието ни говори – рече Папата – „како се однесува Исус во својата катехеза; поучува како оној кој има власт, а не како книжниците.“ Тие „поучувале и проповедале, но на народот му натовариле многу работи; така и народот не можел повеќе да оди напред“ – рече Папата.

„Самиот Исус за нив (за книжниците) вели дека сами не сакаат ни со прст да мрднат. После ќе му рече на народот: „Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазете, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат.“ Недоследни… Тие книжници и фарисеи, секогаш како да го тепаат народ, зарем не?“ – запраша папата Фрањо. „Треба да го направите тоа; морате да го извршите тоа… „му кажуваат на кутриот народ… А Исус им кажа: „така го затворате царството небесно, оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакат да влезат.“ Тоа е еден начин на проповедање, научување и сведочење на личната вера… и многу има такви кои мислат дека тоа е вера“ – рече Светиот Отец.

Во првото читање, во Прва Книга Царства, го наоѓаме ликот на свештеникот Илиј; „сиромашен, слаб и млак свештеник“ кој на своите синови им допуштил „да прават многу грди работи“ – истакна Папата. Додека седи на столот, при влезот на храмот Господов, гледа една жена по име Ана, која на свој начин од Господа моли за синот. „Оваа жена се молела како што молат понизните: едноставно, но од срце кое е во страдање“ – нагласи папата Фрањо – „и ја мрдала устата како што прават многу добри жени во нашите цркви и светилишта. Така молеше, барајќи чудо.„Старецот Илиј ја гледа и ѝ вели: „Ова е пијана и ја презира. Тој бил претставник на верата, верски водач, но не чувствувал со срцето и ја презира жената – рече Светиот Отец и додаде:…

Колку пати луѓето не се чуствуваат сакани од страна на оние кои се должни да сведочат: од христијани, од христијани лаици, од свештеници и епископи. „Кутрите луѓе, ништо не разбираат… би требало да им дадеме малку теологија за добро да сфатат.“ Но, зошто тој човек ми е симпатичен? Затоа што во срцето има помазание, затоа што кога жената му ја објасни својата ситуација, Илиј и рече: „Оди си со мир, и Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја, за која Го молеше.“ На површина излезе свештеничкото помазание: бедник, го имаше сокриено заедно со мрзеливоста; млитавец… и после не завршил добро.

Неговите синови не се опишани во делот од првото читање, но се грижеле за храмот, биле неранимајковци; свештеници, но неранимајковци. Ги надминувале овластувањата, трчале по пари, го искористувале народот и го присилувале за милостина и дарови (за Храмот)… и Господ остро ги казни – рече Папата и додаде – тоа е вид на расипани христијани, расипани лаици, расипани свештеници или епископи, кои настојуваат од постоечката ситуација, позиција, вера и од фактот што е христијанин, да извлече профит и завршува со корумпирано срце како што се случило и со Јуда (Искариотски). Од корумпираното срце извира предавство, бидејќи Јуда го предаде Исус. Затоа синовите на Илиј се третиот вид на верници.

„Постои и четврти вид – оној Исусовиот. За Него народот вели: Овој поучува како оној кој има власт: тоа е една нова наука!“ Но во што е таа новост? – праша папата Фрањо?! – тоа е силата на светоста“; „Исусовата новост е во тоа што со Себе го носи Словото Божјо; пораката Божја, односно љубовта Божја за секој од нас“. Исус го приближува Бог на луѓето, така што самиот Он им се приближува: близу е до грешниците. Исус простува на блудницата, „за теологија разговара со Самаријанката, која не е баш некој ангел.

Исус го бара срцето на човекот, се приближува на неговото рането срце. Исус го интересира само човекот и Бог – рече Папата. Исус сака народот да се приближи, да го бара и беше погоден кога го виде како овци без пастир. И сето тоа Го прави за народот да воскликне: „Гледај нова и силна наука!“ Не, не станува збор за нова наука, туку за нов начин на поучување. Тоа е евангелска транспаретност:

Да побараме од Господ овие две читања да ни помогнат во нашето христијанско живеење, на сите; секому во неговата ситуација, да не бидеме легалисти – ниту лицемери како книжниците и фарисеите, да не бидеме расипани како синовите на Илиј; да не бидеме млаки како Илиј, туку да бидеме како Исус; ревносно да ги бараме луѓето; да ги оздравуваме; да ги сакаме и да им кажеме: „Ако јас правам толку малку, помисли колку Бог те љуби; твојот Отец! Ова е новата наука која ја бара Бог од нас. Да молиме за таа милост.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот