Папата Фрањо: Христијанскиот идентитет се добива по Духот, а не со дипломата

Авторитетот на христијаните доаѓа од Светиот Дух, а не од човечката мудрост или преку дипломата по теологија, порача папата Фрањо на светата Литургија на 2 септември во домот Света Марта. Така, повторно нагласи дека идентитетот на христијанинот е во тоа да го има Духот на Христос, а не „духот на светот“.

Луѓето биле занесени од Исусовото учење бидејќи Неговиот збор „бил силен“ – „имал авторитет“. Папата Фрањо беше инспириран од денешното Евангелие за размислување за природата на власта на Господ, а потоа и за власта на секој христијанин. Исус „не беше уште еден од проповедниците“, бидејќи Неговата власт доаѓа од „посебното помазување од Светиот Дух.“ Исус е „Синот Кој Бог Го помаза и Го испрати да донесе спасение и слобода“ и некои се „соблазнувале“ на овој „Исусов стил“, на Неговиот идентитет и слободата:

„А ние можеме да се прашуваме кој би бил нашиот идентитет како христијани? Павле денес добро вели. За овие работи – вели Павле – не зборуваме со научени зборови на човечката мудрост. Павле не проповеда затоа што завршил студии на Латеран или на Грегоријана, туку затоа што е поучен од Духот. Павле проповеда по помазувањето на Духот изразувајќи ги духовните работи по Духот и на духовен начин. Но, човекот препуштен на своите сили не ги сфаќа работите на Духот Божји: човекот самиот по себе не може тоа да го сфати“, рече Папата.

Заради тоа, истакнува Светиот Отец, „ако ние христијаните не ги сфаќаме добро работите на Духот и тоа не го сведочиме, немаме ниту идентитет.“ За нив „овие работи се лудост, бидејќи не се способни да ги разберат.“ Човекот во Духот од друга страна, „суди сѐ: слободен е, а него никој не може да го суди“:

„А ние ја имаме мислата Христова, т.е. Духот Христов. Тоа е христијанскиот идентитет. Не да го имаш духот на светот, световниот начин на размислување, световниот начин на расудување. Можеш да имаш пет дипломи по теологија, а во себе да го немаш Божјот Дух“ – нагласи папата Фрањо – „Можеби си голем теолог, но не си христијанин бидејќи го немаш Духот Божји. Оној Кој дава авторитет, Оној Кој ти дава идентитет е Светиот Дух и Неговото помазување.“

Заради тоа, вели Папата, „народот не ги сака оние проповедници кои зборуваат – вистина – за теологијата, но не допираат до неговото срце, не му даваат слобода.“ Тие не се способни тоа да го направат така што народот може да го пронајде сопствениот идентитет, бидејќи не се помазани со Светиот Дух“:

„Исусовиот авторитет – и авторитетот на христијанинот – доаѓа особено од способноста за сфаќање на работите на Духот, зборување со јазикот на Духот. Доаѓа од помазувањето со Светиот Дух. Толку пати пронаоѓаме меѓу нашите верници едноставни старици кои можеби не завршиле ниту основно училиште, но кои зборуваат подобро од еден теолог бидејќи го имаат Христовиот Дух. Оној Дух Кој го има свети Павле. И сите ние треба да го бараме“, рече Папата, завршувајќи ја својата хомилија со молитвата: „Господи, дади ни го Својот Дух, дади ни го Својот начин на размислување, гледање, зборување: т.е. дади ни го Господи помазувањето со Светиот Дух“ – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот