Папата Фрањо: Христијанинот ги поднесува страдањата со радост
Ватикан, 7.5.2013 /к.мк/ – Христијанинот, дури и во страдањата, никогаш не е тажен, туку ја сведочи секогаш Христовата радост. Тоа го истакна папата Фрањо на денешната Света Литургија во капелата на домот „Света Марта“ во Ватикан. На литургијата служена со кардиналот Анџело Комастри и кардиналот Хорхе Марија Мехија, учествуваа и вработените во базиликата „Свети Петар“.
Во размислувањето Папата се осврна на првото литургиско читање од Делата на светите Апостоли, во кое се говори за Павле и Сила, кои покрај прогонството и апсењата со радост сведочат за Христос. Тие беа радосни, истакна папата Фрањо, бидејќи го следат Исус „по патот на неговото страдање. Пат, кој Господ го помина со радост“:
„Трпението е патот на кој нѐ учи Исус. Трпението не значи да сме тажни, туку да поднесуваме, да ја носиме врз рамењата сериозноста на тешкотиите, на противречностите, на страдањата. Павле и Сила поднесуваат страдања и понижувања, бидејќи прв Исус со трпение ги понесе. Патот на трпението е процес на христијанско растење. Еден долг процес кој трае во текот на целиот живот“.
Папата истакна за примерот на радоста на многубројните маченици, како оние од Нагасаки, кои „си помагаа едни на други во очекување на смртта“. За некој маченици, потсети Светиот Отец, „дури се вели дека оделе кон мачеништво како да се свадбари“. Трпението и изложувањето на страдањата, истакна Папата „не е мазохистичко однесување, туку природно однесување на христијаните што води кон патот на Христос“:
„Во присуство на тешкотии секогаш доаѓат многу искушенија и почнуваме да се сожалуваме. Христијанинот, кој се жали постојано, не е добар христијанин. Треба да се научиме да поднесуваме во тишина, да сме трпеливи во тишина. Оваа тишина не значи тага: изложувањето на страдањата во тишина не е тага. Многу пати е болно, но не е тага. Срцето е во мир. Павле и Сила се молеа во мир. Страдале, но сѐ поднесувале во мир. Овој пат на трпение не тера да го продлабочиме христијанскиот мир, нѐ прави силни во Исус“.
Затоа, истакна папата Фрањо, „христијанинот е повикан како Исус да ги поднесува страдањата „без да се жали, да поднесува во мир“. Трпението, заврши Папата „ја обновува нашата младост и нѐ прави млади“.
„Трпеливиот со годините се подмладува! Кон тоа нè повикува Господ: кон една обновена воскресна радост на патот на љубовта, трпеливоста, изложувањето на страдањата, но исто така и на меѓусебна трпеливост. Да ја побараме од Господ благодатта на христијанското трпение, што ни дава мир, да поднесуваме со срце, да поднесуваме радосни, за да се подмладиме повеќе внатрешно, како најдоброто вино: помлади со обновен дух од воскресната радост!“ (В.Н.)