По повод Меѓународниот ден на свеста за фрлањето и загубата на храна, кој се слави на 29 септември, папата Фрањо испрати порака во која охрабрува да се премине од изјави кон јасни одлуки со цел правична прераспределба на светските добра и против злото на фрлање храна. Тој ги охрабри сите луѓе да ја оживеат свеста за нашата припадност на само едно универзално човечко семејство затоа што „оној што оди да спие со празен стомак е наш брат“.
Храната што ја фрламе во ѓубре е неправедно одземена од рацете на оние што ја немаат; оние кои по силата на своето неприкосновено човечко достоинство имаат право на секојдневен леб – напиша папата Фрањо во пораката упатена до Ку Донгју, генерален директор на ФАО, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, по повод овогодинешниот Меѓународен ден за подигање на свеста за фрлањето и загубата на храна, кој се слави на 29 септември. Пораката ја прочита монсињор Фернандо Чика Арелано, постојан набљудувач на Светиот Престол во ФАО, Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД) и Светската програма за храна (WFP; PAM).
Глад и фрлање на храна
Според Папата, злото од губење и фрлање храна е исто толку загрижувачко како и трагедијата на гладот; тоа се две трагедии поврзани со еден корен: доминантната култура што доведе до нарушување на вредноста на храната, сведувајќи ја на обична роба за размена. На ова се надоврзува општата рамнодушност кон сиромашните и недостаток на грижа за создаденото заедно со неразумно и алчно искористување на природните ресурси.
Развој и умереност на животот
Не можеме повеќе да се ограничиме на читање на реалноста од аспект на економија или ненаситен профит – предупредува Папата и повикува на итни радикални промени. Неопходно е да се вложат финансиски средства, да се обедини волјата, да се премине од обични изјави кон донесување далекувидни и јасни одлуки. Сепак, пред сè е важно да се зајакне уверувањето дека фрлената храна е навреда за сиромашните и дека развојот мора да биде тесно поврзан со умереноста во животот.
Храната никогаш не смее да биде проблем
Храната гарантира живот и никогаш не може да се смета за проблем – истакна Светиот Отец – не можеме да продолжиме да го нагласуваме зголемувањето на светската популација како причина, поради која Земјата не може доволно да ги нахрани сите, бидејќи вистинските причини за ширењето на гладот во светот се всушност недостатокот на конкретна политичка волја за прераспределба на добрата на земјата, така што секој може да има корист од она што ни го дава природата, и жалосното уништување на храната заради економска добивка.
Храната и светоста на личноста
Прехраната има духовна основа и нејзиното правилно управување подразбира потреба од усвојување етичко однесување. Треба да се гарантира, повеќе од кое било друго добро, задоволувањето на основното право на живот, со храната треба да се однесуавме – истакна Папата – така што ќе ја почитуваме нејзината вродена светост, која произлегува од основната светост на секој човек, а која е препознаена од бројни традиции, култури и религиите. Фрлањето храна во ѓубре – се вели во пораката – значи да не се вреднува жртвата, работата, превозните средства и трошоците за енергија кои се потрошени за да се донесе квалитетна храна на трпезата.
Кој нема храна е наш брат
Затоа Папата препорача да заживее свеста за нашата заедничка припадност на едно универзално човечко семејство. Нека семејството на народите повторно стане вистинско. Кој оди да спие со празен стомак ни е брат. Да го поделиме со него она што го имаме е императив на правдата и братската солидарност што произлегува од семејните односи – истакна во својата порака папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк