Папата Фрањо со преживеаните во тајфунот Јоланда

После Светата Литургија во Таклобан, Папата отиде во надбискупската резиденција во Пал, која во ноември 2013 година тешко ја оштети тајфунот Јоланда, заедно со другите главни надбискупски структури, меѓу нив катедралата и семинаријата. Зградите се обновуваат, а недалеку од надбискупската резиденција се гради центар за сиромашни, именуван по папата Фрањо, кој денес 17 јанаури 2015 година Светиот Отец го благослови.

Папата во надбискупската резиденција сретна некои од преживеаните во тајфунот: триесет лица кои во ноември 2013 година ги изгубија своите најмили, кои требаше да ручаат со папата Фрањо, меѓутоа тој предвреме ја напушти надбискупската резиденција упатувајќи се кон катедралата во Пал на средба со свештеници, монаси, монахињи и семинаристи, како и со други преживеани. Папата срдечно ги поздрави и им го врачи говорот кој требаше да го одржи, а кој го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, срдечно ги поздравувам сите во Господ. Радосен сум да можеме да се сретнеме во оваа катедрала Преображение Господово. Ова е куќа на молитва, заедно со другите, обновена благодарејќи на великодушноста на народот. Се издигнува како знак на огромниот обновителски напор, кој вие и вашите ближни го презедовте после пустошењата предизвикани од тајфунот Јоланда. Ова е потсетник и за сите нас дека нашиот Бог непрекинато делува, исто така и во несреќите и страдањата, обновувајќи ги сите работи – рече Светиот Отец.

Многумина од вас претрпеа многу, не само поради уништувањата од тајфунот, туку и поради губењето на роднините и пријателите. Денес на Божјото милосрдие ги доверуваме покојните, а ја повикуваме Божјата утеха и мир на сите. Воедно да му благодариме на Господ за оние кои изминатите месеци се трудеа да ги отстранат урнатините, да ги посетат болните и оние кои умираат и да ги погребат мртвите. Нивната доброта како и великодушната помош на многу луѓе од целиот свет се елоквентен знак дека Бог никогаш не нè напушта – заклучи Папата.

Би сакал најпосле да им благодарам на многуте свештеници и монахињи кои великодушно одговорија на потребите на лицата во погодените подрачја. Преку својата присутност и љубов ја сведочевте убавината и вистината на Евангелието, а Црквата ја претставивте како извор на надеж, оздравување и милосрдие. Заедно со мноштво на свои ближни ја покажавте длабоката вера и големата отпорност на филипинскиот народ. Многу приказни за добротата и жртвата од оние трагични денови треба да се паметат и пренесуваат на идните поколенија – поттикна папата Фрањо.

Пред неколку моменти го благословив новиот центар за сиромаси, кој се издига како уште еден знак за грижата и вниманието на Црквата кон нашите браќа и сестри во потреба, а ги има многу! Нив Бог не ги заборава! Денес, од оваа место кое поднесе големо страдање и ги запозна човечките потреби, барам да се направи повеќе за сиромашните – рече Папата додавајќи:

Во прв ред барам со нив да се постапува праведно, да се почитува нивното достоинство, политичките и економските одлуки да бидат праведни и вклучувачки; да се зголемат работните и воспитните можности и да се отстранат препреките за социјалните услуги. Критериумот на постапка кон сиромашните ќе биде истиот по кој ќе ни се суди (спор. Мт 25,40.45). Барам од вас и сите одговорни за општото добро да го обновите заземањето за социјална правда и за сиромашните, овде и во целата држава – рече Светиот Отец.

На крај, би сакал искрено да им благодарам на младите, вклучувајќи ги семинаристите и младите монаси. Многумина од вас покажаа херојска великодушност во драматичните околности. Се надевам дека сте свесни дека вистинската радост произлегува од помагањето на другите, од себедарувањето, милосрдието и сомилоста. Вие ќе бидете во својата татковина голема сила за обнова на општеството; не само во обнова на зданијата, туку и во изградбата на Божјото царство, светоста, правдата и мирот – заклучи Светиот Отец.

Драги свештеници и монаси, драги семејства и драги пријатели, во оваа катедрала Преображение Господово да молиме Неговото преображение и воскресение да го преобрази и поткрепе нашиот живот. Сите вас ве поверувам на грижливата заштита на Марија, Мајка на Црквата. Нека за вас и за сите драги жители на оваа земја измоли благослов на утеха, радост и Господов мир. Нека Господ ве благослови! – заклучи Светиот Отец.

РВ/С.С./З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот