Да избереме живот, не чекајќи да биде премногу доцна; некои интервенции повеќе не можат да се одложуваат – е апелот на папата Фрањо кој го упати во пораката за Светскиот ден за молитва за грижата за создадениот свет кој се одбележува на 1 Септември.
Пред климатската криза која ја создадовме и која е голема закана и за нашиот живот, Папата упатува силен апел: Време е за покајание и преобраќање. Ние сме љубени Божји созданија повикани да го сакаме животот во заедништво со создадениот свет, а не произволно да господариме со него – потсети Папата. Целата порака е поттик луѓето да го откријат повикот дека се чувари на целото создание. Апелите посебно се упатени до владите кои ќе се состанат следните месеци, за да ги обноват важните обврски за насочување на планетата кон животот, а не во пресрет на смртта.
Тој петти Светски ден на молитва за грижа на создадениот свет, кој Папата го прогласи на 10 август 2015 година го означува почетокот на „Времето на целото созданието“ кое трае до 4 октомври до празникот на свети Фрањо Асишки. Тој периодот – истакна Папата во пораката – е за молитва во природа, за размислување за нашиот, често штетен стил на живот и за преземање на пророчки потфати. Таа иницијатива се создаде во екуменска рамка и сака да ги поттикне христијаните на молитва и делување, чувствувајќи се соединети меѓу браќата од различни вероисповеди.
Затоа Папата поттикнува во спомнатиот период да размислиме за тоа како нашето секојдневно однесување во однос на храната, потрошувачката, движењето, употребата на вода и енергија често е невнимателно и штетно. Истовремено предлага поедноставни начини на живот и напуштање на зависноста од фосилни горива за да се свртиме на облиците на чиста енергија и циркуларна и одржлива економија, слушајќи ја мудроста на домородните народи за подобро да го живееме односнот со животната средина.
Според мислењето на папата Фрањо ова исто така е време за преземање на пророчки потфати. Освен тоа рече дека многу млади во светот го подигнуваат гласот разочарани од преземените, а потоа занемарени обврски. Потсетувајќи пак на зборовите на Мојсеј при влегувањето во Ветената земја: Затоа да го избереме животот! Папата поттикнува да се откажеме од алчната потрошувачка и стремежот за семоќ кои се патишта на смртта. (…) Да не попуштаме на искривените логики на лесна заработка, да мислиме на иднината на сите луѓе – поттикнува Папата.
Светиот Отец го спомнува и ја истакнува важноста на состанокот на Обединетите нации за климата кој ќе се одржи овој месец во Њујорк, и Синодата за Амазонија која ќе се одржи од 6 до 27 октомври во Ватикан, а која – како што пишува – е можност за давање одговор на крикот на сиромашните на нашата планета. Бог на човекот му дава создаден свет како дар, кој треба да го чува, но за жал човечкиот одговор е одбележан со гревот и алчноста, така егоизмот и интересите од создаденото, тоа место за средба го направија боиште за конфликт.
Папата освен тоа бара во ова време повторно да се привикнеме да молиме потопени во природата, исто така во тишина за да излеземе од својата самодоволна затвореност и да откриеме дека сме обвиткани во нежноста на Отецот. Свети Бонавентура зборува дека создадениот свет е првата „книга“ која Бог ја открил пред нашите очи за да се восхитуваме на неговата убавина и да упатуваме пофалба на Создателот. Секое создание е дарувано како еден „Божји збор.“ Во таа смисла можеме да кажеме дека создадениот свет е „мрежа на животот“, тоа место на средба помеѓу Господ и нас е Божја социјална мрежа – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк