Папата Фрањо: Секој нека се праша – Кој сум јас пред Господ кој страда?

Каде е моето срце? На кој сум сличен од овие луѓе? Нека ова прашање нѐ следи ова недела – рече Светиот Отец на Цветници, на собраните верници на плоштадот Свети Петар, говорејќи ја проповедта од срце. Неговата проповед беше еден голем испит на совеста за сите кои внимателно го слушаа и затоа ја даваме во целост…

Ова недела започнува со поворката која слави со маслинови гранчиња: целиот народ го пречекува Исус. Децата и младите пеат, искажуваат благодарност на Исус. Но, оваа недела продолжува во таинството на Исусовата смрт и воскресение. Ја слушнавме Господовата Мака: но, добро е секој да се запраша: кој сум јас? Кој сум јас пред мојот Господ? Кој сум јас пред Исус кој славно влегува во Ерусалим? Дали сум во состојба да му ја изразам својата радост, да го славам? Или се одделувам? Кој сум јас пред Исус кој трпи?

Слушнавме многу, многу имиња: групи, водачи, некои свештеници, фарисеи, учители на законот, кои одлучиле да го убијат. Чекале можност за да го фатат. Дали си како еден од нив? Слушнавме и друго име: Јуда. 30 сребреници. Дали сум како Јуда? Слушнавме и друго име: учениците кои ништо не разбираат, кои тонеле во сон додека Господ трпел. Дали мојот живот е заспиен? Или сум како учениците кои не разбирале што значи да го  предадеш Исуса; или сум како оној другиот ученик кој сакал сѐ да реши со меч: дали сум како нив?

Дали сум како Јуда кој се преправа дека љуби и со бакнеж го предава Учителот, како би го предал, издал? Дали сум предавник? Дали сум како оние водачи кои на брзина свикале суд и побарале лажни сведоци: дали јас сум како нив? И, кога го правам сето тоа, ако го правам тоа, дали мислам дека го спасувам народот? Дали сум како Пилат, па кога гледам дека ситуацијата е тешка ги мијам рацете и не знам да ја преземам сопствена одговорност и дозволувам луѓето да се осудат – или јас осудувам?

Дали сум како онаа маса народ која вистински не знаела дали се наоѓа на верско собирање, на суд или во циркус и го избира Варава? На нив им е сеедно: им било забавно да го понижуваат Исус. Дали сум како војниците кои го удирале Господ, плукале на Него, го навредувале и се забавувале понижувајќи го Господ? Дали сум како Киринеецот кој се враќа од работа уморен, но имал добра волја за да му помогне на Господ во носењето на крстот?

Дали сум како оние кои поминувале покрај Крстот и го исмејувале Исус: „Ах… многу е храбар! Нека слегне од крстот, па ќе поверуваме во Него!“ Исмејување на Исус… Дали сум како оние храбри жени и како Исусовата Мајка, кои биле таму и страдале во тишина? Дали сум како Јосиф, таен ученик, кој со љубов го носи Исусовото тело за да го погреби?

Дали сум како двете Марии кои остануваат на вратата на гробот, плачејќи и молејќи? Дали сум како водачите кои ден подоцна отишле кај Пилат и рекле: Тој рече дека ќе воскресне: да не се случи уште една измама?“ и го блокираат животот, го блокираат гробот, за да ја одбранат науката, за животот да не излезе надвор? Каде е моето срце: на кои од овие луѓе сум сличен. Тоа прашање нека нѐ следи во текот на целата недела.

На крајот на литургиското славење Светиот Отец упати посебен поздрва до претставниците кои учествувале на средбата за Светските денови на млади која е воедно и најава за подготовка за следната средба која ќе се одржи во јули 2016 во Краков на тема „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт 5,7)

Потоа младите од Бразил го предадоа на младите од Полска Крстот на Светскиот Ден на млади. Прв пат на младите Крстот го предаде блажен Иван Павле II: тој ги замоли да го пренесуваат по целиот свет како знак на Христовата љубов кон човештвото – реча Светиот Отец, додавајќи дека по канонизацијата на овој Папа заедно со Иван XXIII 27 април, Иван Павле II стана голем заштитник на Светскиот ден на млади и понатаму ќе биде татко и пријател на младите од целиот свет.

На крајот Светиот Отец ги поздрави сите граѓани на Рим и ходочасниците и ја најави својата средба со младите во Азија на 15 август во Република Кореја. Потоа Светиот Отец ја измоли молитвата Ангел Господов и на присутните им го подели својот благослов.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот