Папата Фрањо: Свештеникот е слуга Божји и татко на луѓето

Папата Фрањо во понеделник 25 јануари ги прими на аудиенција богословите од Папската богословија на Ломбардија по повод 50 годишнината од основањето

Папата ги повика идните свештеници, цитирајќи го свети Карло Боромео, „да бидат како татковци за луѓето, пред сè за сиромашните“.

Папата Фрањо ги охрабри богословите да бидат „свештеници според срцето на Бог, не според желбите на поединецот или моменталните трендови, туку како што бара и самото навестување на Евангелието“. Светиот Отец потсети дека основањето на Папската богословија на Ломбардија била благословена пред 50 години од блажениот Павле VI во духот на Вториот ватикански собор, кој ја охрабри црквата да го „навестува Евангелието на еден нов начин“.

Идните свештеници папата Фрањо ги потсети дека „за добра подготовка на свештенството е потребна упорна работа, но пред сè внатрешно секојдневно преобраќање“. За пример Папата го посочи свети Карло Боромео, чиј живот според отецот исусовец До Серто, „беше како постојано движење за преобраќање, стремејќи се да се одрази на лицето на Пастирот“. Затоа, Папата се задржа на некои задоволства кои треба да бидат одбиени од свештениците, како прво ја посочи желбата за еден „нормален живот“:

„Кога еден свештеник доживува задоволство од добиеното внимание, започнува да го суди своето служење на основа на своите успеси и потрага по она што му се допаѓа, станувајќи на тој начин ладен и без вистински интерес за другите. Нормален живот за нас е пастирската светост, дарот на животот. Ако еден свештеник избере да биде само еден нормален човек, тогаш тој свештеник е просечен или полошо“.

Свети Карло Боромео – додаде Папата – „сакаше пастири, кои ќе се слуги Божји и татковци на луѓето, пред сè на сиромашните“. Сепак – предупреди Светиот Отец – „зборовите на живот може да ги објавува само оној кој го претвора сопствениот живот во постојан дијалог со Словото Божјо, или поточно со Бог, кој зборува“. Во овие години на живот во богословијата ви е доверена мисијата да се обучувате во овој дијалог на животот, бидејќи познавањето на различните дисциплини кои се учат не се цел сами за себе, туку треба да се конкретизираат во разговорот на молитвата и во реалната средба со луѓето:

„Нема корист од формирањето само во одделни дисциплини: молитвата, културата и пастирската дејност се столбови на истата зграда. Тие секогаш треба да бидат цврсто соединети, за да се поддржат меѓусебно, добро споени едни со други за да можат денешните и утрешните свештеници да бидат духовни луѓе и милосрдни пастири, внатрешно обединети од љубовта на Господ и способни да ја шират радоста на Евангелието со скромен живот“.

Папата Фрањо истакна дека денес изгледа дека „евангелизацијата е повикана повторно да помине по патот на скромноста“.

На крајот Папата ја истакна „потребата еден добар свештеник да има контакт и близина со епископот. „Свештеникот, кој нема постојана врска со својот епископ постепено се изолира од епархиското тело и неговата плодност се намалува, бидејќи нема дијалог со Таткото на епархијата“. Оттука и повикот на Папата кон богословите да ја негуваат убавината на пријателството и уметноста за создавање односи, за изградба на едно свештеничко братство посилно од разликите“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот