Папата Фрањо повика на борба против лицемерието

Папата Фрањо повика на борба против лицемерието

Во наследувањето на Христос од суштинско значење е да се бориш против лицемерието и лажењето и да избегнуваш самозатвoрање – порача папата Фрањо на светата Литургија на 14 октомври 2016 година во домот Света Марта.

Лицемерието е духовна шизофренија – рече Папата – и се состои во тоа личноста многу да проповеда, но до тоа да не се придржува.

Појдовна точна на денешната проповед на Папата беше делот од Евангелието според Лука во кој Исус предупредува на „фарисејскиот квасец односно на лицемерието.“ Притоа Светиот Отец прави разлика помеѓу добриот и лошиот квасец. Добриот квасец е оној што овозможува раст на Царството Божјо. На секој вид на квасец заедничко им е да помага да „расте“: добриот квасец дава „добар леб“, а лошиот квасец овозможува ширење на злото.

За да ги објасни овие мисли, Папата раскажа една анегдота од својата младост. „Кога бевме деца баба за карневалот ни правеше колачи од многу тенко тесто. Додаваше потоа зејтин и тестото нараснува. Кога некој ќе касне од тие колачи, открива дека внатре се шупливи; на нашиот дијалект се наречени „bugie“ – лаги. Баба ни кажа: овие колачи се како лаги – изгледаат големи, но внатре се празни немаат содржина. Тоа Исус ни го говори: чувајте се фарисејскиот квасец односно од лицемерието.“

Лицемерието се состои во тоа Господ да го имаме на устата, а нашето срце да е далеку од Него. „Лицемерието е внатрешна поделба; тоа е еден вид на духовна шизофренија. Лицемерот симулира: однадвор делува добар и пристоен, но зад грбот држи нож! Да се сетиме на Ирод: колку учтиво ги пречекал мудреците, иако одвнатре бил преплашен! И тогаш на збогување им кажал: Одете и вратете се и кажете ми каде е тоа дете и јас да го посетам… и да го убијам! Лицемерот е дволичен, тој симулира,“ рече светиот Отец и продолжи:

„Кога Исус говори за таквите книжници, тогаш вели: тие само зборуваат, а не прават… Тоа е егзистенцијален номинализам: како нештата веќе да се направени кога ќе ги изговори. Не! Нештата мора да се направат, а не да се изговараат! (…) Лицемерот не е способен на самокритика: смета дека е без мана и наместо тоа се жали на другите. Да се сетиме на параболата за раската и гредата… И така можеме да го опишаме овој квасец кој се нарекува лицемерие.“

Папата Фрањо ги повика слушателите на испит на совеста: „Во кој дух делувам? Во кој дух молам? Во кој дух разговарам со другите? Дали тоа е дух кој гради или дух кој се состои од воздух?“ Од суштинско значење во оваа прашање е да се одговори искрено без самозатворање, смета Папата и продолжи:

„Колку само децата се искрени во исповедта! Децата никогаш не лажат кога се исповедаат; никогаш не говорат нешто апстрактно. Го направив тоа, тоа и тоа – конкретно. Децата говорат конкретно кога се наоѓаат пред Бог и пред другите. Зошто? Затоа што имаат добар квасец кој им дава да растат како што расте Царството Божјо. Нека Господ на сите нас ни го даде Светиот Дух и милоста на самоспознавање за да го препознаеме „квасецот“ преку кој ќе растеме и преку кој ќе делуваме. Дали сум верен, транспарентен човек или сум лицемер?“ порача на крајот од утринската проповед папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот