Папата Фрањо отвори нова молитвена апликација „Click to pray“ и го активира својот профил
Во неделата на 20 јануари 2019 година, папата Фрањо отвори нова апликација со наслов „Click to pray“ (Кликни за да молиш“) и во таа прилика ги охрабри католиците за да се приклучат на заедничката молитва Бројаница за мир во пресрет на Светскиот ден на млади во Панама.
Папата Фрањо во неделата отвори нова апликација со наслов „Click to pray“ (Кликни за да молиш“) која на католиците им овозможува да ги споделуваат молитвените накани преку своите мобилни телефони, пренесе Ватикан њуз. Папата апликацијата ја отвори на iPad во текот на неделната молитва Ангел Господов и во таа прилика ги охрабри католиците да ја преземат апликацијата за да се приклучат на заедничката молитва Бројаница за мир во пресрет на Светската средба на млади во Панама.
Оваа апликација на корисниците им овозможува поставување на молитвени накани, но и увид во туѓите молитвени накани на шест светски јазици, вклучувајќи ги и наканите на Папата. Имено Папата на 20 јануари 2019 година го активираше својот личен профил на таа апликација. Апликацијата може да се користи во оперативните системи „Android“ и „iOS“. Откако личноста ќе ја постави својата накана може да следи колку луѓе се приклучиле на молитвата. Апликацијата има три главни секции: „Моли со Папата“, „Молитва за секој ден“ и „Молитва во мрежата“. На апликацијата можат да се пронајдат месечните молитвени накани на Папата, сите таинства на Бројаницата и секојдневни молитви за наутро, попладне и за вечер.
Папата ја повика Црквата овој месец да се моли за младите луѓе. Во видео пораката за месец јануари за оваа година, Светиот Отец своите мисли ги сврте кон Панама, каде по повод Светскиот ден на млади од 22 до 27 јануари ќе се соберат илајдници млади од целиот свет. Папата од нив побара да го искористат тој настан за да размислуваат со Марија за Христовиот лик. „Да молиме Бројаница за мир, секој на својот јазик. И барајте од неа сила за да можете да сонувате и да работите за мир. Да се молиме за младите, посебно за оние во Латинска Америка наследувајќи ја Марија да одговорат на Господовиот повик за да ја пренесуваат радоста на Евангелието во целиот свет“ рече Папата.
Битно.нет/к.мк