Папата Фрањо: Нема Христос без крст, ниту крст без Христос

Папата Фрањо: Нема Христос без крст, ниту крст без Христос

На празникот Воздвижение на Светиот Крст, Светиот Отец предупреди на две можни духовни искушенија: едното е да се сфаќа Христос без крстот, односно Христос Кој е само духовен учител, а второто искушение е крст без Христос, а овде станува збор за безнадежноста, за еден вид на „духовен мазохизам.“

Папата Фрањо по летниот одмор продолжи да служи света Литургија во домот Света Марта. На празникот Воздвижение на Светиот Крст, Светиот Отец предупреди на две можни духовни искушенија: едното е да се сфаќа Христос без крстот, односно Христос Кој е само духовен учител, а второто искушение е оној крст без Христос, а овде станува збор за безнадежноста, за еден вид на „духовен мазохизам.“

Сржта на размислувањето на Папата беше „таинството на љубовта“ кое произлегува од крстот. Појдувајќи од денешните литургиски читања, папата Фрањо објасни за значењето на крстот. Литургиското славење го опишува крстот како дрво, благородно и верно, но не е секогаш лесно да се сфати смислата на крстот. Само во молитвата може да се сфати тоа „таинство на љубовта“ – истакна Светиот Отец. Кога Исус сака тоа да му го објасни на Никодим, користи два глаголи „искачување“ и „слегнување“: Исус слезе од Небото за сите ние да можеме да се искачиме на Небото. Тоа е таинството на крстот – рече Папата.

Во првото денешно читање свети Павле пишува дека Исус се понизни, „зеде обличје на слуга“, стана послушен до смрт, смрт на крст. Тоа е Исусовото слегување – продолжи Светиот Отец – до дното, до понижувањето, испразнувајќи се поради љубов, и заради тоа Бог го превозвиши и го воздигна. Само ако успееме да го сфатиме тоа слегнување до самиот крај, можеме да го разбереме спасението кое ни го нуди тоа таинство на љубовта.

Меѓутоа тоа не е лесно – рече папата Фрањо – затоа што секогаш постои искушението да ја земеме во предвид само едната страна, но не и другата. Потсети дека свети Павле изрекол силни зборови до Галатјаните кога паднале во искушението да не влезат во тоа таинство на љубовта, туку тоа таинство сакале да го објаснат. Како што змијата ја заведува Ева; како што во пустината ги триу Израелците, така и Галатјаните биле воодушевени од илузијата дека може да постои Христос без крстот или крстот без Христос. Папата потоа го фокусираше своето внимание на тие две искушенија.

Прво е искушението на Христос без крстот, односно сфаќањето на Христос како духовен учител, Кој нас мирно нè води напред. Христос без крстот не е Господ – предупреди папата Фрањо – Тој е само учител и ништо повеќе. Тоа е она можеби што го барал Никодим, а тоа да не го знаел. Тоа е едното искушение. Да, Исус е добар учител, но без крстот, едноставно Исус. Кој вас ве воодушеви со таа слика? Павле бил гневен кога му зборувале за Исус Христос Кој не е распнат. Второто искушение е крст без Христос. Постои страв да останеме на дното, згмечени од гревот, без надеж. Тоа е еден вид духовен „мазохизам“. Само крст, но без надеж и без Христос – рече Папата.

Но, крстот без Христос бил во спротивност со таинството на љубовта, овде би станувало збор за „таинство на трагедија“ кое е слично на поганските трагедии од античкиот период. Но, крстот е таинство на љубовта – продолжи Светиот Отец – крстот е верен, благороден. Денес би требало да одвоиме малку време и да се преиспитаме: Дали за мене распнатиот Христос е навистина таинство на љубовта? Го следам ли можеби крстот без Христос, секогаш со жалење, станувајќи така „духовен мазохист“? Дозволувам ли да ме води тоа таинство на понижување, целосно испразнување и возвишување Господово?

Папата ја заврши својата проповед изразувајќи надеж дека Господ ќе ни даде милост не само да сфатиме, туку и целосно да влеземе во тоа таинство на љубовта: со срцето, умот и телото.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот