Папата Фрањо: Нашата судбина е да живееме како Исусови пријатели

Папата Фрањо: Нашата судбина е да живееме како Исусови пријатели

Примивме како судбина дар на пријателство со Господ, не случајно, и нашиот повик е токму да се живее пријателството со Господ и да се биде Негов пријател – потсети Папата Фрањо на Литургијата во понеделник 14 мај 2018, која ја служеше во домот Света Марта.Истото го примија апостолите, но уште посилно, но исто. Сите ние христијаните сме го примиле тој дар на отвореност, пристап до срцето Исусово и пријателство со Него. Примивме учество во дарот на пријателство со Него. Нашата судбина е да бидеме Негови пријатели. Тоа е дар кој Господ секогаш го чува и е верен на тој дар.

Меѓутоа често не сме Негови пријатели и се оддалечуваме од Него со своите гревови и хирови, но Тој е верен на пријателството – нагласи Папата и продолжи: Исус, како што потсетува денешното Евангелие, повеќе не нѐ нарекува „слуги“, туку „пријатели“ и тој збор го чува сѐ до крај, бидејќи е верен. Дури и кај Јуда: последниот збор кој му го упати пред да го предаде бил „пријателе“, не му вели – „бегај“.

Исус е наш пријател – рече Светиот Отец и истакна: Јуда како што стои во Делата на светите апостоли, ја прифати својата нова судбина која слободно ја избра и се оддалечи од Исус. Отпадништвото значи да се побегне од Исус, пријател кој станува непријател, пријател кој станува рамнодушен или пријател кој станува предавник.

На местото на Јуда, пишува во Делата на светите апостоли, е избран Матиј како би бил сведок на воскресението, сведок на тој дар на љубовта – рече папата Фрањо и објасни: Пријател е оној кој со другите споделува тајни. „Вас ве нарекувам пријатели бидејќи ви кажав сѐ што слушнав од својот Отец“ – вели Исус во Евангелието. Значи тоа е пријателство кое сме го примиле како дел, како судбина, како што го примиле Јуда и Матиј.

Да размислуваме за тоа, Тој не се откажува од тој дар, не се откажува од нас, нѐ чека сѐ до крајот. Кога поради своите слабости ќе се оддалечиме од Него, Тој чека и продолжува да зборува: „Пријателе, те чекам. Што сакаш? Пријателе, зошто ме предаваш со бакнеж?“ – напомена Папата и заврши: Тој е верен и ние мора да го молиме за таа милост да останеме во Неговата љубов и пријателство, кое сме го примиле од Него како дар.

 РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот