На затворањето на Молитвената осмина за единство на христијаните, папата Фрањо во проповедта прочитана од кардиналот Курт Кох го истакнува „незаменливото единство“ кое доаѓа од престојување во Исус.
Во понеделник 25 јанаури 2021 година на празникот Преобраќање на Свети Павле, со екуменската Вечерна служба заврши Молитвената осмина за единство на христијаните.
Оваа година настанот се одржа, како и обично, во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, каде е погребан големиот Апостол. Оваа година, папата Фрањо, кој вообичаено ја предводеше богослужбата, поради ишијас не беше во можност да присуствува. Наместо него, кардинал Курт Кох, претседател на Папскиот совет за промовирање на единство меѓу христијаните, ја предводеше богослужбата, а беше придружуван од поглавари од разни други христијански цркви и црковни заедници.
Иако беше физички отсутен, папата Фрањо беше присутен со духот и со зборот, преку проповед прочитана од кардинал Кох. Во своите подготвени забелешки, папата Фрањо размислува за зборовите на Исус од Евангелието според свети Иван: „Останете во мене“, тема на овогодинешната молитвена осмина. Почнувајќи со ликот на лозата и прачките, Папата инсистира на тоа дека „можеме да растеме и да донесеме плод само ако останеме обединети со Исус“.
Три нивоа на единство
Светиот Отец продолжи да размислува за она „незаменливо единство“ како што се трите концентрични прстени „на стебло од дрвото“.
Првото ниво на единство е да се престојува во Исус, тоа е „почетната точка на патувањето на секоја личност кон единството“. Поврзаноста со Исус започнува со молитва, која ни овозможува да ја искусиме Неговата Љубов. „Ова е првото единство“, вели Папата, „нашиот личен интегритет, дело на благодатта што ја добиваме престојувајќи во Исус“.
Единството меѓу христијаните е вториот прстен. „Сите сме прачки на иста лоза“ – вели Папата, истакнувајќи дека она што го прави секој влијае на сите други. И тука, молитвата е важна, водејќи нѐ да се сакаме едни со други. Ова не е лесно, призна Папата, и затоа мора да го молиме Бога „да ги обрежува нашите предрасуди во однос на другите и на световните наврзаности кои стојат на патот на целосното единство со сите негови деца“.
Најголемиот круг се протега на целото човештво; и тука, вели папата Фрањо, „можеме да размислуваме за дејствувањето на Светиот Дух“. Светиот Дух нè води да ги сакаме не само оние што нè сакаат, „туку да ги сакаме сите, како што нè научи Исус“. Како Добриот Самарјанин, повикани сме да бидеме ближни на сите и за возврат да ги сакаме дури и оние кои не нѐ сакаат.
Конкретност во љубовта
Заедничкото служење може да ни помогне „уште еднаш да сфатиме дека сме браќа и сестри“ и нè води „да растеме во единство“. Слично на тоа, Светиот Дух може да нè вдахнови „да се грижиме за нашиот заеднички дом и да донесуваме храбри одлуки“ за тоа како го живееме нашиот живот.
Папата Фрањо ја завршува својата проповед со напомена дека токму Светиот Дух е „архитектот на екуменското патување“, кој ја вдахнови заедничката молитва во Базиликата Свети Павле. Тој ја искажа својата благодарност до „сите кои во текот на оваа осмина, молеа и продолжуваат да се молат за единство на христијаните“ и ги поздрави претставниците на Црквите и црковните заедници кои учествуваат на богослужбата, без разлика дали се физички или виртуелно присутни поради пандемијата.
„Драги браќа и сестри, да останеме обединети во Христа“ – рече папата Фрањо на крајот од проповедта, молејќи: „Светиот Дух нека се излее во нашите срца, нека направи да се чувствуваме дека сме деца на Отецот, едни на други браќа и сестри, браќа и сестри во нашето едно човечко семејство.
„Пресветата Троица, заедништво на љубовта, нека ни даде да растеме во единството“.
Ватикан њуз/к.мк