Приватен разговор и заедничка молитва се одржа во четврток, 11 мај 2023 година, меѓу папата Фрањо и папата на Коптската православна црква од Александрија, во Апостолската палата во Ватикан, 50 години по првата историска средба меѓу Павле VI и Шенуда III. Папата Фрањо му се заблагодари на Бога за преземените чекори и најави дека коптските христијани убиени во 2015 година ќе бидат вклучени во Римската мартирологија како знак на духовно единство.
Надеж за евхаристиско заедништво, сигурност во дијалогот, трогателно сведоштво на коптските маченици, убиени пред осум години на плажата во Либија, кои од денес ќе бидат вклучени во Римската мартирологија се знак на духовното заедништво што ја обединува Католичката црква и Коптската православна црква. По Генерална аудиенција на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо и неговата Светост Тавадрос II, папата од Александрија и поглавар на Коптската православна црква, во четврток 11 мај, повторно се сретнаа во Апостолската палата во Ватикан, на приватен разговор, по што следеше заедничка молитва во капелата Redemptoris Mater.
Средбата меѓу папата Павле VI. и папата Шенуда III
Во позадина на денешната аудиенција, како и целокупниот престој на Неговата Светост Тавадрос II. во Рим до недела, 14 мај, има историска позадина, односно средбата меѓу папата Павле VI. и папата Шенуда III, во 1973 година, прва меѓу папата на Коптската православна црква и Римскиот бискуп, што го означи и крајот на теолошката расправа која датира од Соборот во Халкедон, благодарение на потпишувањето заедничка христолошка декларација, на 10 мај таа година.
Коптите убиени во Либија ќе бидат вклучени во Римската мартирологија
Заблагодарувајќи му се на патријархот, трогнат од скапоцениот дар на моштите на коптските маченици кои беа убиени од џихадистите во Либија на 15 февруари 2015 година, папата Фрањо рече дека овие маченици, освен во вода и Дух, се крстени и во крв; крв, која е семе на единството за сите Христови следбеници.
Тој, исто така, ја изрази својата радост што може да објави дека, со согласност на Неговата Светост, тие маченици, тие 21 коптски христијани, ќе бидат впишани во Римската мартирологија како знак – како што рече – на духовното заедништво што ги обединува нашите две Цркви.
Да се паметат преземените чекори
Станува збор, значи, за ново поглавје на екуменскиот пат, за кој е важно – истакна Папата – секогаш да се гледа напред. Но, неопходно е да се потсетиме и на веќе преземените чекори, посебно – како што рече – во моментите на обесхрабрување, да се радуваме на веќе поминатиот пат и да црпиме од ентузијазмот на оние што ни претходеа. Сепак, несомнено е уште попотребно да се погледне нагоре за да му се заблагодариме на Господа за преземените чекори и да побараме од него да ни го подари посакуваното единство – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк