Папата Фрањо: Каде е твојот брат?

Лампедуса, 8.7.2013 /к.мк/ – „Ова е општество кое заборави да плаче, поради културата на себичност станавме бесчувствителни за туѓите несреќи и завладеа глобализација на рамнодушноста“, предупреди папата Фрањо на светата Литургија во понеделник 8 јули на италијанскиот остров Лампадуса, каде што молеше со локалното население и стотици африкански емигранти, како и за оние кои загинаа во морето, обидувајќи се да дојдат до подобар живот.

Во Лампедуса Папата беше пречекан од 166 африканци од Еритреја, а еден од нив рече дека својата земја ја напушти од две причини – економски и политички.

„Кога минатата недела ја слушнав веста за уште една хаварија во морето во која загинаа емигранти од Африка на својот пат на надеж, одлучив дека мора да дојдам тука и да се помолам, да покажам дека сум тука со вас, но и за да ја разбудам вашата совест, вакво нешто да не се повтори“, рече Папата и заблагодари на жителите на Лампедуса и Линос, на здруженијата, волонтерите и силите за безбедност кои се грижат за луѓето кои се обидуваат да дојдат до подобар живот.

Папата ги поздрави емигрантите муслимани кои започнуваат да го празнуваат Рамазан упатувајќи им поздрав на нивниот дијалект.

„Денес сме толку изгубени, не го доживуваме светот околу себе, не ни е грижа и не го чуваме она што Бог го создаде за сите, па ниту едни за други. Затоа и се случуваат вакви трагедии. Кога Бог прашува „каде е брат ти?“, Тој нè прашува сите нас, бидејќи тоа се наши браќа и сестри кои се во тешка ситуација и сакаат да најдат мир и подобар живот за себе и своето семејство, а најдоа смрт“, рече Светиот Отец и раскажа една приказна на еден од нив, кој му кажал дека поминал преку рацете на трговци со луѓе, оние кои го искористуваат сиромаштвото на другиот. „Низ што ли се не поминаа, а некои не успејаа и да пристигнат“ рече Папата.

Денес во светот никој не чувствува одговорност за ова, ги изгубивме чувствата за братска одговорност, покрај патот гледаме немоќен човек и си викаме „кутриот“ и продолжуваме, како да не се однесува за нас. Културата на сопствената добросостојба нè прави да бидеме бесчувствителни кон туѓите несреќи, рамнодушни. Во овој свет на глобализација, влеговме во глобализација на рамнодушноста. Се навикнавме на страдањата на другите и не се однесува за нас. Но, сите така стануваме безимени и безлични“ – предупреди Светиот Отец и запраша кој заплаче поради сето тоа.

„Кој плачеше поради смртта на нашите браќа и сестри, за луѓето во чамецот, за младите мајки кои ги носеа своите деца или поради мажите кои сакаа да помогнат на своите семејства? Ние сме општество кое заборави да плаче: глобализацијата на рамнодушноста ги запре нашите солзи. Да го молиме Господ да заплачеме над нашата рамнодушност, за крутоста на светот, за нас самите и за оние кои со своите социо-економски одлуки доведуваа до вакви трагедии“, рече Папата повикувајќи да го молиме Господ за простување поради нашата рамнодушност кон браќата и сестрите.

„Да молиме за простување за оние кои се задоволни со себе, затворени во својата себичност која доведува до анестезија на срцето и за простување на оние чија одлука на глобално ниво предизвикува вакви трагедии“, повика Светиот Отец и уште еднаш им се заблагодари на жителите на Лампедуса на нивниот пример на љубов, милосрдие и сочувство кон оние кои се во потрага за подобар живот.

Папата пристигна со хеликоптер на аеродромот во Лампедуса, каде беше пречекан од архиепископот Монтенегро и градоначалничката Николина. Потоа во придружба на бројни рибарски бротчиња, Светиот Отец отплови на отворено море, каде фрли венец од жолти и бели хризантеми, боите на Ватикан, во знак на сеќавање на африканските емигранти кои во потрага за подобар живот загинаа, обидувајќи се да го преминат Средоземното море.

По светата Литургија Папата ја посети парохијата Свети Џерландо, а потоа се врати во Ватикан. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<