Видео: Папата Фрањо испрати порака до португалскиот народ

Видео: Папата Фрањо испрати порака до португалскиот народ

Папата Фрањо испрати порака до португалскиот народ додека се подготвува за патувањето во Фатима по повод 100 годишнина од првата објава на Пресвета Богородица на сиромашните мали пастири – Луција, Јацинта и Фрањо – на 13 мај 2017 година.

Светиот Отец во видео-пораката вели дека се наоѓа во состојба на радосно исчекување заради нивната претстојна средба во Мајчиниот дом.

Папата рече дека е свесен дека сакаат да ги посети нивните домови, заедници и градови, но иако сака да ги прифати сите нивни покани, тоа за жал не е можно. Му се заблагодарува на португалскиот народ и на властите за разбирањето што својата посета ќе ја ограничи само на светилиштето во Фатима. Исто така изрази надеж да се сретне со сите нив до ногата на Дева Марија.

Би сакал пред Пресвета Богородица да дојдам како општ пастир на Црквата и да ѝ понудам букет од најубавото „цвеќе“ кое Исус го довери на моја грижа – рече папата Фрањо. Со тоа мислам на сите наши браќа и сестри во целиот свет кои се откупени со Христовата крв, а никој да не е исклучен. Затоа е потребно, сите вие да да ми се придружите. Треба да ја почувствувам вашата близина, била физичка, била духовна; важно да доаѓа од срцето. На тој начин можам да го аранжирам својот буќет со цвеќе, својата „златна ружа“. Бидејќи создаваме „едно срце и една душа“ сите вас ќе ве препорачам на Пресвета Богородица и ќе ја замолам од неа на секој од вас да му шепне: „Моето Безгрешно Срце ќе биде твое засолниште, и пат кој ќе те води до Бог.“

„Со Марија, ходочасник во надежта и во мирот“ – е мотото за посетата на Папата на Фатима. Светиот Отец рече дека во тоа мото е содржана целата програма на преобраќањето. Радосен сум што со интензивна молитва се подготвувате за тој блажен момент – рече и продолжи – молитвата ги зголемува нашите срца и нè прави подготвени да ги примиме Божјите дарови.

Ви благодарам на сите за вашите молитви и жртви кои секојдневно ги принесувате за мене – рече Папата. Потребни ми се затоа што сум грешник меѓу грешниците, „зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста“ (Исаија 6, 5). Молитвата ги расветлува моите очи за другите да можат да ги видам како што Бог ги гледа и ги љуби како што Тој ги љуби – рече папата Фрањо и заврши: Доаѓам во Негово име и радосен сум што со сите вас можам да го споделам Евангелието на надежта и мирот. Нека Господ ве благослови, а Дева Марија штити!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот