Примајќи ги во недела 19 декември 2021 година во салата Павле VI. вработените и соработниците на педијатриската амбуланта Света Марта, која слави 100 години од основањето, Папата се препушти на празничното расположение останувајќи со децата и нивните семејства. Тој ја повтори важноста да се задоволат потребите на братот кој има потреба, дури и ако тој „не е добар човек“. Важно е да не се вртите на другата страна, туку да му помогнете.
Тоа беше момент на радосна средба во салата Павле VI, кога папата Фрањо се сретна со околу 350 луѓе кои учествуваа во активностите на Детската клиника Света Марта, меѓу кои и околу 40 членови на здружението Атлетика Ватикана. Задржувајќи се со децата, во негов, нежен, татковски стил, тој истакна дека треба да ги слушаме потребите на луѓето; треба да ги погледнеме во лице и да ги слушаме, бидејќи во спротивно никогаш нема да разбереме кои се нивните потреби. Ако на улица сретнам човек на кој му е ладно, гладен, дури и ако не е добар, треба да застанам и да му помогнам – рече папата Фрањо во разговорот со децата.
Во присуство на кардинал Конрад Крајевски, Папскиот делител на милостина, амбулантата Света Марта сакаше на овој начин да ја анимира четвртата недела од Адвент, по што следуваше делење на мали божиќни пакетчиња со играчки и облека, добиени деновиве благодарение на солидарноста на многумина.
Педијатриската амбуланта „Света Марта“ е основана, со благослов на папата Пио XI, на 8 мај 1922 година. Таа им е доверена на управување на чесните сестри Ќерки на милосрдието на свети Винсент Павелски, кои работат во Света Марта во Ватикан, а имаат соработката со лекари волонтери од болницата Бамбино Џезу, здружението Свети Петар и Павле, приватни лица и други римски здравствени установи, со поддршка на волонтери лаици.
Како што потсети еден од нив во честитката до папата Фрањо, амбулантата обезбедува медицинска и психолошка помош, информативни услуги и помош на семејства од која било верска припадност, во знак на најголема гостопримливост и великодушност. Обезбедуваме наклонетост и близина без никакви очекувања, освен насмевка – истакнува волонтерот.
Ватикан њуз/к.мк