Папата Фрањо до Павлинците: Христовото евангелие треба да се навестува на сите
Христијанска должност е да се навестува Евангелието на сите не исклучувајќи никој – рече Светиот Отец на 27 ноември пред учесниците на поклоничкото патување на семејствата на Павле, кои пред сто години ги основа блажен Џакомо Алберионе. Таа годишнина ви дава можност да го обновите заземањето за животот со верата и за нејзино пренесување, и тоа посебно по пат на издавачката дејност и мултимедијалните средства – рече папата Фрањо.
Сите луѓе се примачи на Радосната вест дека Бог е љубов – рече Светиот Отец и додаде дека во Исусовите зборови „бесплатно сте примиле, бесплатно давајте“ се сфаќа тајната за евангелизација, а тоа е пренесување на Евангелието во стилот на Евангелието, односно бесплатно. Радоста на дарот за применото од чиста љубов, се пренесува со љубов – рече Светиот Отец и повторно ја истакна бесплатноста и љубовта. Само оној кој ја искусил таквата радост може да ја пренесува; уште повеќе – истакна Папата – не може да не ја пренесува бидејќи доброто секогаш се стреми да се пренесува… Со пренесувањето доброто се зајакнува и се развива – рече Папата потсетувајќи на своето Апстолско писмо ‘Evangelii gaudium’ (Радоста на Евангелието).
Да евангелизираш значи да го проповедаш Евангелието на оние кои не го познаваат Исус Христос или кои секогаш го одбивале. Многумина од нив потајно го барат Бог, поттикнати од копнежот за Неговото лице, па и во земјите со многу стара христијанска традиција. Сите имаат право да го примат Евангелието – истакна Светиот Отец – а христијаните се должни да го навестуваат не исклучувајќи никој.
Погледот на Црквата во одење ја изразува христијанската надеж – рече Папата и објасни – фактот дека сме Црква во одење, додека нè вкоренува на обврската да го навестуваме Христос и Неговата љубов кон сите созданија, истовремено нè спречува да бидеме заробени на земските и световните структури; освен тоа, го одржува духот отворен и нè прави способни за можностите и барањата кои ќе се исполнат во Господовото блаженство.
Поттикнувајќи потоа на обнова на љубовта кон единството на Црквата исто така во светот на комуникацијата, папата Фрањо рече дека целата негова работа и апостолскиот занес треба да бидат полни со љубов кон единството. Не треба никогаш да се поддржуваат конфликти или слепо да го имитираш однесувањето на медиумите кои само бараат спектакл од конфликтите и кои во душите предизвикуваат соблазна. Секогаш треба да се поддржува единството на Црквата; она единство кое Исус го побара од Отецот како дар за својата свршеница – истакна Светиот Отец.
Широките хоризонти на евангелизација и потребата за сведочење на евангелската порака на сите подрачја е апостолатот на семејствата на Павле. Има уште многу кои не го познаваат Исус Христос. Имагинацијата на љубовта не познава граници и секогаш знае да отвори нови патишта кои духот на Евангелието треба да го донесе во културите и најразличните општествени средини – рече Папата и додаде – Таквото итно послание бара непрестано преобраќање посебно и во заедниците, бидејќи само срцата кои се потполно отворени за делувањето на милостите се во состојба да ги толкуваат знаците на времето и да ги прифатат повиците на човештвото на кои му се потребни надежта и мирот – истакна на крајот папата Фрањо.
РВ/Д.И.