Во петок 25 август 2023 година, папата Фрањо преку видео врска говореше на прославата на Денот на руската младина, кој беше отворен пред три дена во Санкт Петербург. Тој ги повика присутните во базиликата Света Катерина во тој руски град да бидат сејачи на семето на помирување, мали семиња кои во оваа воена зима нема веднаш да никнат во замрзнатата земја, туку ќе процветаат во идната пролет.
Малку повеќе од еден час, папата Фрањо разговараше од далечина со околу 400 млади мажи и жени кои до 27 август ќе учествуваат на десеттата национална средба на младите католици од Русија во Санкт Петербург. Овие денови се драгоцени и се одржуваат од 2000 година, а годинава за прв пат се организираа во Санкт Петербург. Некои учесници мораа да поминат 9.000 километри за да стигнат до него.
Заменете ги стравовите со соништа
Обраќајќи им се на младите Руси, откако ги слушна сведочењата на двајца млади, Папата ги потсети на мотото на Светскиот ден на младите во Лисабон „Во тие денови Марија стана и побрза“ (сп Лука 1,39), така што тие би можеле – како што рече – да продолжат да работат на тоа.
Посакувам, вие младите Руси, да бидете творци на мир среде толку многу конфликти, среде толку многу поларизации што го засегаат нашиот свет од сите страни. Ве повикувам да бидете сејачи, да го ширите семето на помирување, мали семиња кои во оваа воена зима нема веднаш да никнат во замрзнатата земја, туку ќе процветаат во идната пролет. Како што реков во Лисабон: Имајте храброст да ги замените стравовите со соништа. Заменете ги стравовите со соништа. Заменете ги стравовите со соништа. Не бидете управители на стравови, туку претприемачи на соништата. Почестете се со луксузот на големи соништа!
Божјата љубов е за сите
Светиот Отец потоа истакна дека Божјата љубов е за сите и дека Црквата припаѓа на сите.
Црквата е мајка со отворено срце, која знае да прима и прифати, посебно оние на кои им е потребна поголема грижа. Црквата е мајка полна со љубов, затоа што таа е дом на оние што се сакани и дом на оние што се повикани. Колку рани, колку очај може да се излечи онаму каде што човек се чувствува прифатен. Црквата нè прифаќа. Затоа сонувам за Црква во која никој не е сувишен, во која никој не е вишок. Ве молам, не дозволувајте Црквата да биде „царина“ која одвојува кој ќе влегува, а кој не. Не, таа е за сите, за сите. Влезот е бесплатен. Потоа, секој нека го слушне Исусовиот повик да го следат, да видат како стојат пред Бога; за тој пат постојат насоки и Свети Тајни.
Младите и постарите нека се отворат едни за други
И во таа прилика папата Фрањо потсети на дијалогот меѓу младите и постарите луѓе и важноста од пренесување на искуството што треба да произлезе од него. Тој ги охрабри младите да бидат градителите на мостови меѓу генерациите, препознавајќи ги соништата на нивните претходници, дедовци и баби. Сојузот меѓу генерациите ги одржува во живот историјата и културата на народот – нагласи Светиот Отец и повтори дека е многу важно тие да бидат знак на надеж, мир и радост, како Марија. Наследувајќи ја нејзината понизност, и вие можете да ја промените историјата во која живеете.
Ватикан њуз/к.мк