Папата Фрањо: Богатата Европа да ги прифати гладните како браќа

Европските народи да ги прифатат гладните и странците како браќа, тоа беше повикот на папата Фрањо, кој го упати за време на аудиенцијата на Фондацијата Романо Гвардини (1885-1968).

Задржувајќи се на животот и делото на големиот германски свештеник, теолог и филозоф, Папата истакна дека во народот се одразуваат силите на божественото делување.

„Нема и не може да постои на земјата грев што Бог нема да му го прости на оној што се кае искрено“, истакна Папата, цитирајќи го пасусот од „Браќа Карамазови“ на кој се задржува германскиот филозоф и теолог во една своја книга. Тоа е епизодата во кој една старица оди да се исповеда кај старецот, откако го убила својот сопруг, кој ја малтретирал.

Жената е затворена во себе, но свештеникот и покажува еден излез, истакна Папата. „Во исповедта жената се преобраќа и повторно ја враќа надежта. Само обичните луѓе разбираат за што станува збор. Тие се обземени од величината на мудроста и силната љубов на старецот. Тие разбираат што значи светоста – живот поминат во верата, способноста да се види дека Бог е блиску до луѓето и го држи нивниот живот во свои раце“.

Папата ги поврза размислувањата на Гвардини со модерните времиња, барајќи да ја открие Божјата рака во актуелните настани: „Можеби треба да признаеме дека во својата мудрост, Бог ни го испрати на нас, во богатата Европа, гладниот, за да му дадеме да се нахрани, да ја задоволи жедта, да го прифатиме странецот и да го облечеме голиот. Еден ден историјата тоа ќе го покаже: ако навистина сме народ, ќе го прифатиме како наш брат, но ако сме само група индивидуи, малку или многу организирани, ќе сме во искушение да си ја спасиме кожата, но нема да имаме континуитет“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот