Папата Фрањо светски водач со најпозитивно мислење

Според новото глобално истражување поголемиот број од луѓето имаат позитивно мислење за папата Фрањо. Угледната истражувачка мрежа Worldwide Independent Network/Gallup International Association; WIN/GIA ги објави резултатите од испитувањата за јавната перцепција на Светиот Отец во 64 земји на сите континенти.

На прашањето „Независно од вашата религија имате ли позитивно, донекаде позитивно, до некаде негативно или многу негативно мислење за папата Фрањо?“ 54% од испитаниците одговориле дека го гледаат на позитивен начин (24% многу позитивно, 30% донекаде позитивно).

Подрачјата каде што Папата ужива најпозитивно мислење се Латинска Америка, Северна Америка и Европската Унија. Меѓу 64-те земји каде е направено истажувањето, Папата најдобро се оценува во Португалија, на Филипините, во Аргентина и во Италија, а позитивното мислење за Светиот Отец се зголемува со зголемувањето на возраста на испитаниците.

Жан-Марк Леже претседател на мрежата WIN/Gallup International, вака во службеното соопштение ги коментираше резултатите од истражувањето: „Папата Фрањо е водач кој ја надминува сопствената религија. Нашата студија покажа дека значителен дел од населението во светот со различна верска припадност и во целиот регион има позитивно мислење за Папата.“

Освен тоа истражувањето покажа дека постојат значителни разлики во ставовите кон Папата со оглед на географската локација. Позитивната слика за Светиот Отец е најраширена во Латинска Америка (77%), после тоа во Северна Америка (63%) и во Европаската Унија (62%). На Блискиот Исток и во Северна Африка и во Јужна Азија позитивните оценки се поретки и зголемен е процентот на испитаници кои одговараат дека не знаат или немаат за него мислење.

Во истражувањето биле вклучени и некои земји од Балканот. Во Босна и Херцеговина 73% од луѓето позитивно го оценуваат Папата, 7% негативно, а 20% не знаат или немаат одговор. На Косово 29% се истакнуваат со позитивно мислење, 15% негативно, а 55% без одговор. Во Србија пак 28% се со позитивно мислење, 25% негативно, а 43% се без мислење. Во Словенија 73% од населението има добро мислење, 6% негативно, а 21 не дале одговор.

Од аспект на верската припадност католиците покажуваат највисока стапка на позитивно мислење за Папата (85%), по кои следуваат евреите (65%). Од друга страна само 28% муслимани и 33% будисти со одобрување гледаат на Папата. Но поголемиот дел од припадниците на тие религии (55% односно 57%) не знаат за него.

Покрај тоа во 60 од 64 земји кои биле вклучени во истражувањето мислењето за папата Фрањо е позитивно. На врвот од тој список е Португалија (94%), Филипините (93%), Аргентина (89%), Италија (86%), Колумбија (84%), Либан (80%), Шпанија (80%), Перу (79%), Полска (78%) и Еквадор (78%).

Само во три земји процентот на негативна оценка е поголема од позитивната: Тунис (25% имаат негативно мислење, 15% позитивно), Турција (26% негативно, 13% негативно) и Алжир (28% негативно и 9% позитивно).

Истражувањето исто така покажало дека во 15 земји изненадува раширеното незнаење за папата Фрањо. Тоа го признале дури 87% од испитаниците во Азербејџан по кој следува Ирак (82%), Монголија (77%), Етиопија (72%), Јапонија (70%) и Мароко (70%).

Освен тоа истражувањето покажало важни разлики во ставот кон Папата со оглед на возрасната група и нивното на образование иако нема големи разлики помеѓу мажите и жените. Угледот на Светиот Отец е поголем меѓу постарото население (62% позитино за постарите од 55 години, 48% меѓу младите од 35 години).Луѓето со поголем степен на образование исто така се понаклонети на папата Фрањо од оние со основно или без образование (63% наспроти 42%).

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот