Во катехезата на Генералната аудиенција на 16 ноември 2016 година Светиот Отец се осврна на духовното дело на милосрдието за поднесувањето на луѓето кои знаат да ни бидат непријатни и напорни. И ние можеби за тоа да не сме свесни понекогаш да им сме напорни на другите…
Целосниот текст од катехезата:
Драги браќа и сестри, добро утро!
Денешната катехеза ќе ја посветиме на едно од делата на милосрдието кое сите вие многу добро го знаете, но кое можеби не се практикува како што треба: трпеливо поднесувајте ги досадните (може и непријатните и неправедните). Сите ние сме многу добри во препознавањето на присуството кое може да биде непријатно: тоа се случува кога ќе сретнеме некој на улица или кога ќе се јавиме на телефонски повик… Веднаш помислуваме: „Уште колку долго ќе морам да слушам поплаки, озборувања, барања или пофалбите на овој човек?“ Понекогаш исто така се случува тие непријатни луѓе да се меѓу нашите најблиски: меѓу родните секогаш се наоѓа некој; ниту на работното место не недостасуваат; па дури ниту во „слободното време“ не сме слободни (од нив). Што треба да правиме со досадните луѓе? Но и ние понекогаш сме им досадни на другите. Зошто меѓу делата на милосрдието е вброено и ова: трпеливо поднесувајте ги досадните луѓе?
Во Библијата гледаме дека и Бог мора да биде милосрден за да ги поднесува поплаките на својот народ. Во Книгата Исход на пример народот навистина е неподнослив: прво плаче затоа што е роб во Египет и Бог го ослободува; потоа во пустината се жали шти нема храна (види 2Мој 16, 3), па Бог им испраќа потполошки и мана (види 2Мој 16, 13-16), но и покрај тоа жалопојките не престануваат. Мојсеј посредувал меѓу Бог и луѓето, па и тој понекогаш ќе испадне „гњаватор“ кон Господ. Но Бог бил трпелив, а така го научил и Мојсеј и народот за таа важна димензија на верата. Тогаш спонтано се јавува и првото прашање: Правам ли понекогаш испит на совест за да видам дали од време на време и ние самите можеби сме непријатни за другите? Лесно е да се впере прстот на недостатоците и слабостите на другите, но треба да се научиме да се ставиме и во нивните чевли.
Да погледнеме посебно на Исуса: колку трпение морал да има во трите години од својот јавен живот! Еднаш додека одел со своите ученици го застанува мајката на Јаков и на Иван која му кажала: „Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство“ (Мт 20, 21) Па, мама „лобирала“ за своите синови – оваа мама! Дури и од таа ситуација Исус извлекува основна поука: неговото царство не е царство на моќ и слава, не е како земските царства, туку царство на служење и себедарување на другите. Исус нѐ учи секогаш да одиме на важното и да гледаме понатаму за да ја преземеме одговорно својата мисија. Овде би можеле да го воочиме одекот на другите две духовни дела на милосрдието: да ги запознаеме грешниците и да ги поучиме оние кои се во незнаење. Да размислиме за големиот труд кој го вложуваме кога им помагаме на луѓето да растат во верата и животот. Мислам на пример на катехистите – меѓу кои се многу мајки и многу монахињи – кои го посветуваат своето време за да ги поучуваат децата за основите на верата. Колку труд! Посебно кога деца попрво би си играле отколку да слушаат катехизам!
Да се придружува некој во потрагата за она најважното е убаво и важно затоа што нѐ прави учесници во радоста за смислата на животот. Често се случува да наидеме на луѓе кои се задржуваат на површни, минливи и тривијални работи; понекогаш заради тоа што не се сретнале со некој кој би ги поттикнал на барање на нешто друго; да го ценат вистинското богатство. Да се поучи некој да гледа на важното е одлучувачка помош, посебно во време како што е нашето кое како да ја изгубило насоката и следи краткотрајни задоволства.
Поучување за да откриеме што Господ сака и за да можеме да одговриме на тоа; значи да го ставиш на правиот пат, да расте во својот повик, патот на вистинската радост. Така Исусовите зборови до мајката на Јаков и Иван, а потоа и на целата група ученици го покажува начинот како да се избегне зависта, амбициите и ласкањата, искушенијата кои секогаш нѐ демнат, па и меѓу нас христијаните. Потребата за советување, предупредување и поучување не би требало да нѐ доведе до чувството на надмоќ над другите, туку пред сѐ нѐ обврзува да влеземе во себе и да видиме дали сме во согласност со она што го бараме од другите. Не ги заборавајте Исусовите зборови: „И зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја забележуваш?“ (Лк 6, 41) Нека Светиот Дух ни помогне да бидеме трпеливи во поднесувањето и понизни и едноставни во советувањето.
АПЕЛ: Следната недела, 20 ноември ќе славиме Светски ден на правата на децата и гладните. Апелирам на совеста на сите: на совеста на институциите и семејствата децата секогаш да бидат заштитени, а за нивната благосостојба да се бориме за да не паднат во било каква форма на ропство, регрутирање во вооружени групи и малтретирање. Желба ми е меѓународната заедница да бдее над нивниот живот на секое дете да се обезбеди правото на образование за нивното воспитување да биде ведро и на иднината да гледаат со доверба.
Упатувам посебен поздрав до младите, болните и младенците. Литургијата во месец ноември нѐ повикува на молитва за покојните. Да не ги заборавиме оние кои нѐ сакале и кои заминале пред нас во верата, како и оние на кои никој не се сеќава: Споменот на нив во евхаристиското славење е најдобрата духовна помош која можеме да им ја пружиме. Да се сетиме со посебна љубов на жртвите од неодамнешниот земјотрес во Средна Италија: молете се за нив и за нивните семејства и понатаму да продолжиме да бидеме солидарни со оние на кои притоа им се нанесена штета – посака на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк