Обраќајќи им се на учесниците на конференцијата „Меѓународната солидарност на тринитарците“, папата Фрањо ја пофали работата поврзана со самата харизма на Редот на Света Троица. Тој повика на ослободување од нечовечките услови во кои многу луѓе се принудени да живеат и на заштита на прогонетите поради нивната вера на многу места.
Конференцијата заврши на 26 април 2022 година со молитвено бдение за прогонетите христијани во базиликата Сан Крисогомо во Рим. Меѓународното друштво на тринетарците е посветено на харизмата на Редот на Света Троица за откупување од ропство, бранејќи ја верската слобода – не само на теоретски и академски начини, туку и со грижа за оние кои се прогонувани и затворени поради нивната вера.
„На излегување“
Осврнувајќи се на основачот на Редот, свети Иван од Мате, Папата рече дека овој француски светец беше повикан да го даде својот живот за ослободување на робовите, како за христијаните, така и за муслиманите. Но, тој не сакаше да го направи тоа сам, па основаше нов Ред, ред „на излегување“, нов и во начинот на живот, замислен како апостолат „во светот“. Светиот Отец го изрази и своето задоволство од тоа што знаеле да ја актуелизираат харизмата на Редот, давајќи му живот на Меѓународното друштво на тринитарци.
Тринетарците и робовите
Самото име на редот поттикнува на размислување за Троица и робовите, рече Папата, осврнувајќи се на првата Исусова „проповед“ кога рече: „Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; 19. да ја проповедам благопријатната година Господова!“ (Лк 4,18-19; сп. Исаија 61,1-2). Токму во харизмата на тринитарците е посебното посланието на Црквата, „буквално“ како што е во случајот со свети Фрањо за сиромаштвото – односно посветеноста на откупувањето на робовите, додаде Папата.
Модерно ропство
Таа харизма е многу актуелна денес, продолжи Папата. Во нашево време, кое се фали со укинување на ропството, во реалноста има премногу мажи и жени, па дури и деца кои се принудени да живеат во нечовечки услови, поробени. Како што беше истакнато на конференцијата, причина за тоа е кршењето на верската слобода, која на многу места и на различни начини е нарушена, рече Светиот Отец.
Тој ги охрабри присутните да продолжат со својата работа, соработувајќи со други институции, црковни и други, кои ја споделуваат нивната мисија и додаде дека не треба да ја изгубат својата специфичност, да не ја „разводнуваат“ харизмата.
Ватикан њуз/к.мк