Папата: Спречете нова спирала на насилство во Светата Земја

Папата: Спречете нова спирала на насилство во Светата Земја

Светиот Престол со големо внимание го следи развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, имајќи го посебно на ум Ерусалим, градот кој е свет за христијаните, евреите и муслиманите во целиот свет – стои во објавеното соопштение на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Светиот Отец изрази жалост заради конфликтот во кој последните денови се убиени неколку луѓе и го обнови својот повик на мудрост и разбирање на сите. Освен тоа, искрено се моли одговорните во овој тежок момент да работат на отстранување на нови спирали на насилство, и со зборови и дела да одговорат на копнежот за мир, правда и сигурност кој го изразуваат народите на таа измачена земја.

Загриженоста во поглед на изгледите за мир на Блискиот Исток изминатите денови беше предмет на разни иницијативи, вклучувајќи итни состаноци кои ги свика Арапската лига и Организацијата за исламска соработка. Светиот Престол – се истакнува во соопштението – е чувствителен на тие грижи и повикувајќи се на зборовите на папата Фрањо го повторува својот добро познат став за единствениот карактер на Светиот град и неопходноста од почитувањето на статус кво во согласност со одлуките на меѓународната заедница и повиците на црковната хиерархија и христијанската заедница на Светата Земја. Истовремено го повторува своето убедување дека единственото решение може да биде само резултат на преговорите помеѓу Израелците и Палестинците, кои ќе доведат до стабилен и траен мир и ќе загарантира мирен соживот на двете држави внатре во меѓународно признатите граници – стои на крајот од соопштението.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот