Папата Фрањо ги прими учесниците на пленарната седница на Папската библиска комисија и во својот говор се осврна на темата на седницата „Болестите и страдањата во Библијата“: болката и слабоста треба да се допираат со рака, не теоретски, туку како Исус, кој не ги „објаснува“ туку се наведнува кон оние што се засегнати од нив.
Страдањето и болеста се противници со кои треба да се соочиме, но важно е тоа да се прави на начин достоен за човечко битие. Да се отстранат, сведувајќи ги на табу за кое е подобро да не се зборува, можеби затоа што штетат на сликата за ефикасност по секоја цена, корисни за продажба и заработка, секако не е решението – истакна папата Фрањо примајќи ги учесниците на Папската библиска комисија на аудиенција на 11 април 2024 година, кои одржуваат пленарна седница – како што рече Светиот Отец – за една многу егзистенцијална тема „Болеста и страдањето во Библијата“.
Два клучни збора
Сите се сопнуваме од тежината на овие искуства, па затоа треба да си помогнеме еден на друг да ги пребродиме со тоа што ќе ги живееме во односи, спречувајќи човечкиот инстинктивен бунт против нив да се претвори во изолација, напуштање или очај. Во христијанското искуство – истакнува Папата – болката и слабоста, во светлината на верата, можат да станат одлучувачки фактори на патот на созревањето; „Ситото на страдањето“ – како што рече – овозможува, имено, да се разликува она што е суштинско од она што не е. Постојат два одлучувачки збора – според папата Фрањо – кои треба да се земат предвид, а тоа се сочувство и влученост.
Треба да се наведнеш, а не да објаснуваш
Примерот, како и секогаш, доаѓа од Христос, а посебно од неговиот начин на близина со болните или со слабите и сиромашните.
Исус не го објаснува страдањето, туку се наведнува кон оние што страдаат. На болката не и приоѓа со општо охрабрување и стерилни утехи, туку ја прифаќа драмата, дозволувајќи таа да го допре.
Односно, Исус е трогнат, не останува рамнодушен, допира со рака за да подигне и исцели. Самата Библија е просветлувачка во оваа смисла – истакна Папата – не ни остава прирачник со добри зборови или книга со рецепти за чувства, туку ни покажува лица, средби и конкретни приказни, како онаа за Јов. Христос оди понатаму, кога на Голгота, највозвишениот пример на таа близина со човекот, го презема сето зло на светот.
Исусовиот одговор е важен; тоа е поради сочувството кое го опфаќа, а кое, преземајќи го, го спасува човекот и ја преобразува неговата болка. Христос ја преобрази нашата болка правејќи ја потполно своја: живееше во неа, ја поднесуваше и ја понуди како дар на љубов. Не даваше лесни одговори на нашите прашања „зошто“, но на крстот нашето големо „зошто“ го направи негово.
Патот од сочувство до вклученост е директен. Како Исус кој ги зближува сите – забележа Светиот Отец – и тоа води до споделување, како што тоа го прави Добриот Самарјанин.
Преку искуството на страдањата и болестите, како Црква сме повикани да чекориме заедно со сите, во христијанска и човечка солидарност, отворајќи, во име на заедничката кревкост, можности за дијалог и надеж.
Папата Фрањо го заврши својот говор со желба за успешна работа на Папската библиска комисија и истакна дека Словото Божјо е моќен противотров за секое затворање, апстракција и идеологизација на верата. Читано во Духот, во кој е напишано, го зголемува занесот за Бога и за човекот, го поттикнува милосрдието и ја оживува апостолската ревност – истакна Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк